“Антолог“ ја објави „Залудно бегство“ од Сигрун Паулсдотир

Издавачката куќа Антолог од Скопје со големо задоволство соопштува дека во рамките на проектот СОЗДАДЕНО ВО ЕВРОПА: МОЌТА НА РАЗЛИЧНОСТА ја објави книгата: „ЗАЛУДНО БЕГСТВО“ ОД СИГРУН ПАУЛСДОТИР,  дело за кое таа ја доби Награда за литература на Европската Унија за 2021 година.

На крајот од XIX век, Сигурлина се наоѓа во безизлезна ситуација. Пораснала без мајка, покрај татко ексцентрик кој очекува неговата ќерка да го помине животот помагајќи му при каталошката обработка на исландските археолошки артефакти. Но Сигурлина копнее за образование и возбуда, така што ја зема судбината во свои раце. Еден ден одеднаш исчезнува од Рејкјавик со историска реликвија од збирката на татко ѝ. Преку низа неверојатни настани, артефактот е откриен во музејот „Метрополитен“ во Њујорк. Во меѓувреме, исландската полиција започнува истрага за кражбата.

„Залудно бегство“ е опишан како модерна пикарска приказна за зачувувањето на културното богатство. Романот пружа интригантен поглед на тоа како нештата го стекнуваат своето место во историјата и плете интересна приказна за човечките судбини врз кои почива таа историја.

За овој роман, Паулсдотир ја добива престижната Награда за литература на Европската Унија за 2021 година.

Преводот од исландски на македонски го направи Мери Кицовска.

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“.

За авторката: Сигрун Паулсдотир (1967) е исландска писателка и историчарка. Со докторско звање се здобива на Универзитетот во Оксфорд (2001). Подоцна и самата предава на факултет, а од 2009 до 2016 година го уредува списанието за исландска историја „Сага“. Од 2007 година е самостоен уметник-писател, освојувајќи го вниманието на читателите со историски биографии. Добитничка е на неколку награди и признанија, меѓу кои и наградата за најдобра биографска проза за 2013 година.

 

За преведувачката: Мери Кицовска (Скопје, 1977) е преведувач и толкувач по англиски и исландски јазик. Во периодот од 2001 до 2009 година, живее и работи во Рејкјавик, Исланд, каде што, покрај другото, го изучува и го усовршува исландскиот јазик.

Од англиски на македонски и обратно има преведено голем број текстови и дела. Од исландски на македонски досега има преведено десетина книги.

„Создадено во Европа: моќта на различноста“ е проект кој опфаќа превод, објавување, дистрибуција и маркетинг на седумнаесет книги кои се идеални репрезенти на моќта на разноликоста што владее на најстариот континент, отворајќи тематски сложени прашања: инклузивност, глобално затоплување, меѓусебно разбирање, правична застапеност на жените, еднаквост, преосмислување на личниот и колективниот идентитет, соочување со загубата, активизам и храброст да се биде различен. Европската литература е литература со исклучителни дела вредни за запознавање. Затоа, кога ќе се каже „Оваа книга е Создадена во Европа“ тоа нè прави сигурни дека во раце држиме литература која ја носи непомирливата моќ на привлечноста и на различноста.

Ние сме сериозно свесни за суровите предизвици пред кои се  исправени планетата и човештвото и поради тоа „Антолог“ ја лансира „Се грижиме за планетата“, агенда за одговорно однесување кон природата и заедницата и со објавување на секоја нова книга, опфаќаме конкретни мерки и активности за еколошко, одржливо, етичко и социјално одговорно однесување.

Back to top button
Close