Антон Павлович Чехов

Од кај па сега ваков наслов. Небаре сум книжевен критичар. Каква врска има ова со дипломатијата?. Е па има. Санкциите спрема Русија, нашата влада ги прифати микроскопски детално. Министерката  Славјанка, замало да напишам Јована, помпезно е дочекана во Лондон (како не и текна наместо “Јовано Јованке” да ја предложи песната “Земјо македонска”) прва понуди испраќање на наши војници во Украина, а потоа и муниција, бидејки сме еден од најголемите производители и извозници. Руските диригенти, оперски или оперетски диви се прогнати од најпознатите куќи, а на делата на коцкариштето и поставувачот на “проклети прашања” Достоевски, гробарот  и ревизорот, Гогољ, призивателот на бури (преобразител на опшеството), Гогољ, проповедникот и Грофот од Јаснаја Пољана кој војувал и за Севастопољ, Толстој, полуафриканецот (по мајка) и храбриот предвизикувач на двобој, во кој загинува, Пушкин, им се заканува опасност да бидат симнати од репортоарите на најпознатите театри.

 

На таа еуфорија се придружи и нашава држава со откажување на концерт на руски уметник. Се надевам дека на тоа ќе се заврши и дека ќе продолжиме да го гледаме “Лебедовото езеро” на  Чајковски и се одушевуваме со ролите на глумците, посебно на епизодистите со системот на “уметноста на доживувањето”  на Станиславски.

 

И конечно пристигнавме до мојот книжевен гуру, лекарот А.П. Чехов чији што драми “Три сестри”, “Вишновата градина” и “Вујко Вања” се редовно на репортоарите на македoнските театри. Се надевам дека  така и ќе останат.

Повнимателните читатели на кусите раскази на  Чехов (роден на обалите на Азовското море) секако забележал дека речиси сите негови раскази на крајот завршуваат неочекувано и му подаруваат  на читателот благородна можност  самиот да  заклучува за кодираниот крај на расказот. Соочени сме деновиве со разни раскази на наши врвни политичари, шефови на партии (меѓу кои и некои со воено искуство), ткн. воени експерти, експерти за безбедност, а и оние од општа практика, ткн. универзални новинари кои ги почнале кариерите како известувачи од зелените пазари за цената на зелката, дипломати кои немаат елементарни познавања на историјата на дипломатијата ( нашите дипломати во својата едукација треба да ја  прелистаат книгата на  рускиот автор В.П. Потемкин, издадена и кај нас  во 1949 година). Сите анализираат, предвидуваат, советуваат, прогнозираат исход на судбината на”последниот руски цар” и на, од Запад, устоличениот хибриден претседател случајно со еврејски корени. Такви наши анализи не да не се потребни, но приоритет ни е секако   нашите анализи  да се движат во правец на поствоениот период. До тогаш ние сме во ролја на епизодисти на меѓународен план, а потоа ќе бидеме конзументи на изменетите геополитчки влијанија за кои ние треба да се подготвуваме и автономно. Такви анализи се многу потешки. Полесно е да се ставиш или осудиш, една или друга страна, и да чекаш каков ќе биде крајот. А тој може да биде чеховски непредвидлив или неочекуван.

Наместо претседателот на државата и министерот Османи да се фокусираат на  горечките прашања во државата, а ги има многу, тие дангубат. Првиот нелогично објаснувајќи  ни ја хронологијата на  процедурата и значајот на  “затворените седници” на владата при именувањето на нашиот амбасадор при Мисијата на ОН во Њујорк, покажувајќи недозволено непознавање на Виенската конвенција за дипломатски односи. Тој како претседател има право да предложи свој кандидат за амбасадор,ама со образложувањата ја навредува јавноста.Тој не мора да го објаснува што го ставил својот потпис. За тоа е тука премиерот или министерот надворешни. Вториот, министерот Османи, наместо да го подигне експертското ниво во сопствената авлија, тој наивно ни објаснува што се случувало на затворената седница на влада кога се одлучивало за несудената ни конзулка во Њујорк, која замислите не ја ни познавал. И двајцата, претседателот и надворешниот ни министер во најголема тајна го чуваат фотороботот на идниот амбасадор(ка) во Вашингтон. Со досегашните именувања и процедурата на амбасадори во САД не се баш прославивме.

Ние прогласивме независност (од кого) со прашање кое можеше да го доведе во прашање нашиот суверинитет. Куртуливме во првиот налет на национализмите. Но, не за долго. Како и во приказните на Чехов ( неговиот  помлад американски пандан Чивер

во своите куси раскази е предвидлив) исходот на кризата кај нас во 2001 беше непредвидлив. Тој беше македонски Дејтон. Стопира војна. Проблемите останаа. Преспа ги зголеми. Софија експериментира. Има поддршка од две страни. Третото предимство им   се архивските материјали. Неодлучноста на ЕУ како и  фрлениот анкер на САД во главната аорта на Балканот се прави кои се пресекуваат во една точка, која ја определува судбината на Западниот Балкан. Непредвидлива е и нашата перспектива за влез во ЕУ и надежите дека поради војните во Украина, ситуацијата ќе ни се подобри. Нов наш аргумент е и членството во НАТО. Атина традиционално блефира политички, а уште повеќе финансиски. Софија учи од неа како што Платон го тестираше  плебсот на ужарените ни плочки на  Синтагма. Србија секогаш беше на границата на Исток и Запад. Со Запад  во 20  век  три пати војуваа , а во 21 век идеолошки е за Запад, а кардиолошки за Исток. Поетски гледано наивно веруват во синтагмата на  рускиот поет Тјучев (“Русија со обичен аршин не можеш да ја измериш, на Русија треба да и се верува “). Друго е прашање колку Путин му верува на сегашниот им претседател, на кого поради актуелните настани, не може да му помогне во кампањата за втор претседателски мандат.

 

Неочекувна завршница може да има и безсмислениот гамбит во шаховската игра во која Бугарија постојано игра со бели фигури, а ние не се определивме за сицилијанска одбрана, отворање на “црниот” со борбена варијанта, која му носи не само еднаквост туку и предимство, туку за гандијевска. Неизвесна е улогата на бившиот премиер Заев кој не беше дел од нашата официјална делегација. Верувам дека неговото присуство не беше супституција за изоставувањето на премиерот Ковачевски и дека неговата работна агенда е усогласена на затворена седница на владата. Неизвесна е судбина на проектот “Отворен Балкан”, како последен обид, после дузина покренати, ама и недовршени иницијативи на Западниот Балкан, со цел да се нивелира,колку толку, демократското ниво на преостатаните неинтегрирани држави во евро-атлантските структури. Потоа следи прием во ЕУ во јато.

 

Ние сакавме во НАТО поради нашата сигурност. Посебно Албанците и тоа  не е без причина. Министерот Османи полагал анатомија но, и вечерен курс за геостратегија. Очигледно бил редовен на часовите и се прилагодува на моменталната политичка коњуктура. Речиси е убеден дека не греши. Чехов не го чита очигледно, а ни Чивeр. Го чита веројатно Сервантес, и денес веројатно имал пријатна  средба со Борел во која прилика можеби ги потсетил на неодамнешната молба   за признавање на Шпанија на  Косово, кое  по резолуцијата на СБ на ОН е сеуште автономна покраина на  Југославија, односно Србија. До кога? Пред точно 20 години ги известив надлежните, пренесувајќи зборови на висок функционер на една од највлијателните држави во ЕУ, “се додека ратоборните племиња на Балканот не се демократизираат и доведт на приближно истo ниво ниво, нема проширување на ЕУ.Тој процес не е завршен. Неочекувани се изјавите на министерот Османи. Дали се секогаш усогласени со претседателот или премиерот. Борел во Скопје не го спомна проширувањето на ЕУ, макар што ние до сега неколку пати го прославивме датумот за започнување на преговорите со ЕУ. Богињата на мудроста ни застана на тој пат.

Наместо конечно да се свртиме сами кон себе и видиме на кое дереџе сме, није постојано ја караме институцијата ЕУ. Забораваме дека нејзините одлуки се кумулативен резултат на сите членки, што имплицира дека немаме квалитетна билатерална дипломатија, а за мултилатералата и да не зборуваме. Ние се радувавме редовно два пати годишно пред Самитите на ЕУ и летевме на крилата на самобендисаност до следното освестување. Типично за шегаџијата Чехов кој  во некоја  космичкта  дача како спахија  со асетра, кавијар, вотка и маринирани краставчиња размислува за иднината на сонувачот кого постојано го изневерува ЕУ. Никако да забележиме дека не помага трчање по европските метрополи и повремени релакс патувања на европските комесари во регионот како овој пат на шпанецот Борел, чии основен мотив во посетата на трите држави од Западен Балкан, не е проширување на ЕУ, туку можното преливање на специјалните воени операции во нашиов регион. Во тој контекст беше и посетата на германската министерка за надворешни работи, А. Бербо на Белград. Мудриот ни претседател за чудо не не информира дека он уште пред три месеци знаел со каква агенда Борел ќе допатува во нашава држава, па затоа го поучи ЕУ комесарот да ја забрза реализација на стратешките одлуки во однос на политиката на проширување, посебно после руската воена инвазија врз Украина. Играње на таа карта е непредвидливо. Предвидливо е дека во постконфликтниот период следи економска криза посебно на зависниците од енергетските суровини. Битката за храна ќе биде во фокусот на преживувањето, многу повеќе од афирмација на биткоинот. Гладта се заканува и е пред вратите. Заложниците на племенити метали ќе се множат во однос на кладилниците. Ќе цвета и една друга професија која често ја поистоветуваат со дипломатијата и малку е постара.

Ѓорги Мисајловски

 

 

 

 

Back to top button
Close