AП: Трамп изненаден од ненадејната одлука на Пентагон да ја паузира испораката на оружје за Украина
Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да испрати дополнително одбранбено оружје за Украина уследи откако тој приватно изразил фрустрација поради тоа што Пентагон минатата недела објави пауза во некои испораки без соодветна координација со Белата куќа, пишува Асошиејтед прес

Минатата недела Пентагон најави дека ќе задржи дел од ветеното оружје за Украина, вклучувајќи ракети за противвоздушна одбрана, прецизно наведувана артилерија и друга опрема, поради загриженост дека американските резерви се при крај. Но, Трамп во понеделникот изјави дека САД ќе мора да испратат повеќе оружје за Украина, со што ефективно ја поништи таа одлука, објави агенцијата Асошиејтед прес.
Два извори, кои за АП зборувале анонимно поради чувствителноста на ситуацијата, изјавиле дека постоела внатрешна опозиција во Пентагон во врска со паузата координирана од политичкиот шеф на Пентагон, Елбриџ Колби, уште пред таа да биде објавена.
Еден од изворите го опишал Трамп како „изненаден“ од објавата. Белата куќа не одговори на прашањата дали тоа навистина било така.
Портпаролот на Пентагон, Кингсли Вилсон, негираше дека министерот за одбрана Пит Хегсет делувал без консултација со претседателот.
„Работа на министерот за одбрана е да му дава воени препораки на врховниот командант. Министерот Хегсет обезбеди рамка според која претседателот ќе ги оцени испораките на воена помош и ќе направи проценка на постојните резерви. Овој процес беше координиран низ владата. Министерството ќе продолжи да му дава на претседателот робустни опции за воена помош на Украина, во согласност со неговата цел да се стави крај на оваа трагична војна и да се стави Америка на прво место“, се вели во изјавата на Вилсон за Асошиејтед прес.
Прекинот на критичните испораки дојде во чувствителен момент за Украина, која се соочува со сè поинтензивни и посложени воздушни напади од Русија во текот на веќе конфликтот кој трае три и пол години. Трамп го призна тоа во својата изјава во понеделник навечер, велејќи: „Тие мора да можат да се бранат. Сега навистина силно се нападнати“.
На новинарско прашање кој ја одобрил паузата, Трамп реагираше бурно: „Не знам. Зошто не ми кажете вие?“
Претседателот исто така упати критики кон рускиот претседател Владимир Путин, сугерирајќи дека тој непотребно ја продолжува војната која Трамп вели дека сака да ја заврши што е можно побрзо. Обидите за мировни преговори меѓу двете страни се во ќорсокак.
Во последните денови, лидерот на Републиканската партија сè почесто ја искажува својата фрустрација од Путин. Двајцата разговараа телефонски минатата недела.
„Нè хранат со многу глупости од страна на Путин, ако сакате да ја знаете вистината. Секогаш е многу фин, но на крајот тоа не значи ништо,“ рече Трамп на состанокот со кабинетот во вторникот.
Трамп се закануваше, но сè уште не вовел нови санкции против руската нафтена индустрија за да го натера Путин на преговори.
Сенаторот Линдзи Греам, републиканец од Јужна Каролина, минатата недела изјави дека Трамп му дал одобрение да продолжи со закон кој тој го спонзорира, а кој предвидува 500 проценти царина за производи од земји кои продолжуваат да купуваат руска нафта. Овој потег би имал огромни последици за Кина и Индија, двете економски сили што купуваат руска нафта.
Трамп во вторникот изјави дека „сериозно ја разгледува“ оваа можност.
Паузата во испораките минатата недела ги погоди пратките на системите „Патриот“, прецизни ракети GMLRS, ракети „Хелфајер“ и гранати за хаубици, изненадувајќи ги не само украинските претставници и сојузници, туку и американските конгресмени и делови од администрацијата, вклучувајќи го и Стејт департментот.
Пентагон соопшти доцна во понеделникот дека, по наредба на Трамп, повторно ќе започнат испораките на оружје за Украина „за да се осигура дека Украинците можат да се бранат, додека работиме на обезбедување траен мир и запирање на крвопролевањето“. Сепак, портпаролот Шон Парнел додаде дека сè уште трае ревизијата за да му се овозможи на претседателот да ги оцени сите глобални воени испораки во рамки на приоритетите – „Америка на прво место“.
Сè уште не е јасно кое оружје точно ќе биде испратено, иако Трамп рече дека САД ќе помогнат главно со одбранбено вооружување.
Во вторникот, сите делови на американската армија и борбените команди, мултисервисните организации што раководат со воените операции низ светот, продолжија да доставуваат информации до Пентагон за нивните залихи, изјави за АП еден американски функционер.
„Буквално сè уште ги пресметуваат бројките,“ рече функционерот.
Функционерот додаде дека добивањето целосен увид во залихите бара време, бидејќи кога, на пример, системите „Патриот“ ќе бидат префрлени од Армијата во некоја борбена команда, како Централната команда на САД, Армијата го губи увидот во тие залихи.
Голем дел од оружјето што САД ѝ го испратија на Украина е земено од залихите на Армијата, која внимателно го следела нивото на резерви, особено за побарувани средства како артилериски гранати од 155 мм и ракети за противвоздушна одбрана „Патриот“.
Портпаролот на Армијата, Стив Ворен, изјави дека е потешко од очекуваното да се зголеми производството на овие видови оружје. Армијата планирала да достигне производство од 100.000 гранати месечно до крајот на 2025 година, но сега тоа ќе се одложи до 2026 година.
Проширувањето на производството на ракети „Патриот“ исто така се покажало како предизвик, додаде Ворен.
Сенаторот Мич Меконел, републиканец од Кентаки, изјави во вторникот дека е задоволен што Трамп ја обновува испораката на оружје за Украина.
„Овој пат, претседателот мора да ги отфрли повиците од изолационистите и рестриктивните гласови во неговата администрација кои бараат овие испораки да се ограничат само на одбранбено оружје“, рече Меконел. „И треба да ги игнорира оние во Пентагон кои се повикуваат на недостиг од муниција за да блокираат помош, додека истовремено одбиваат сериозно да инвестираат во проширување на производството на муниција“, додаде тој. (meta.mk)