Апасиев до Џафери за законот за дивоградби: Со каков легитимитет ја тргнавте оваа точка од дневниот ред

Пратеникот на Левица Димитар Апасиев реагираше во почетокот на денешната собраниска седница до спикерот Талат Џафери затоа што го повлекол од дневниот ред на денешната седница Законот за легализација на бесправно изградени објекти, наместо да го стави на повторно изјаснување, поради ветото од претседателот Стево Пендаровски.

-Со каков легитимитет тргате точка која веќе не е предлог-закон, туку закон, како што и самите сте навеле во првичниот дневен-ред. Владата, како предлагач на законот, има право да го повлече додека е предлог, а откако тој закон ќе биде изгласан, улогата на предлагачот станува небитна, рече Апасиев, посочувајќи на одредбите што се однесуваат на процедурата за трето читање на закон што не го потпишал шефот на државата.

Џафери одговори дека го повлекол Законот од дневен ред откако Владата, на барање на повеќе субјекти, информирала дека го повлекува законското решение од процедура и дека ќе достави ново.

Според Апасиев, Џафери требало да го остави на дневен ред Законот, за кој рече дека сложно го изгласале СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, и да овозможи повторно гласање за него. Во таква ситуација, како што наведе, можеби трите партии ќе постигнеа договор овој пат да не го изгласаат контроверзното законско решение и тоа и така немаше да стапи на сила.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави денеска дека моментно се прават консултации со Асоцијацијата на архитекти, Комората на овластени инженери, НВО-секторот за ово законско решение за легализација на дивоградбите. Тој рече дека очекува за две недели да биде готова првичната верзија на новиот закон за легализација на дивоградби, која ќе биде промовирана пред јавноста и во Собранието.

Back to top button
Close