Апасиев и Крмов му поднесоа кривична на Џафери: Најавија уште најмалку три пријави, а нивното процесирање е услов на Левица за влез во идна влада


Пратениците од редовите на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, денеска му поднесоа кривична пријава на спикерот Талат Џафери за злоупотреба на службената положба и овластување.

„Пратениците на Левица – проф. д-р Димитар Апасиев и Борислав Крмов, до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднесоа заедничка кривична пријава против претседателот на Собранието на Република Македонија – Талат Џафери, заради основано сомневање дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување – казниво по чл. 353 од Кривичниот законик, со максимална затворска казна до три години.
Пријавениот се товари дека со отфрлањето на над 2 400 амандмани поднесени при второто читање на новиот собраниски Деловник го сторил делото што му се става на товар – свесно оневозможувајќи го пратеничкото право на писмено поднесување и усно образложување на поднесените амандмани на пленарна седница на Собранието“,информираат од партијата.

Со ова свое недозволиво, арбитрарно и самоволно дејствие, додаваат од Левица, Џафери тешко ги повредил уставните, законски и деловнички права на пратениците кои им се загарантирани во легислативната парламентарна постапка, како овластени предлагачи на закони и други општи акти, со што таксативно се исполнети сите законски услови за кривичен прогон против пријавениот.

Од Левица посочуваат дека нема ова нема да биде последната кривична пријава за претседателот на парламентот и оти нивното процесирање ќе биде услов за учество на партијата во која било идна влада.

„Ја известуваме македонската јавност дека до завршувањето на мандатот на овој најконтроверзен претседател на Собранието на независна Македонија, правниот тим на Левица ќе поднесе уште најмалку три кривични пријави за различни кривични дела против службената положба и овластување, а нивното процесирање ќе биде услов на партијата за учество во било која идна Влада на Република Македонија“,соопштија од Левица.

Пред повеќе од две недели, револтиран од тоа што Собранието ги отфрли амандманите на Левица поднесени во однос на измените на Деловникот, пратеникот Борислав Крмов, барајќи да се прекине седницата, го искрши мониторот од компјутерот на пултот на кој седеше потпретседателот Горан Мисовски кој ја водеше седницата, а ги откорна микрофоните и ги расфрли сите хартии околу говорницата во Собранието. Набргу му се придружи и лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев, по што Мисовски даде половина час пауза.

Back to top button
Close