„Апасиев и Мецинковиќ си префрлале пари од касата на Левица“ Мицкоски покажа документи и списоци добиени од свиркачи

Премиерот Христијан Мицкоски на собраниската седница прочита извадок од записник во кој, наводно, Апасиев информира партиски членови за купувањето на објектот на поранешниот хотел „Опера хаус“ за 250.000 евра, оти се работи за четири нивоа и дека два – три месеци се преговарало со Унибанка.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на собраниската седница за опозициски прашања покажа документи и списоци за коишто рече дека ги добиле од свиркачи во врска со партискиот објект на Левица и од кои исто така, како што кажа, се гледа дека претседателот на Левица Димитар Апасиев и кандидатот за градоначалник на Скопје на оваа партија си префрлувале пари од сметката на Левица.

Мицкоски прочита извадок од записник во кој, наводно, Апасиев информира партиски членови за купувањето на објектот на поранешниот хотел „Опера хаус“ за 250.000 евра, оти се работи за четири нивоа и дека два – три месеци се преговарало со Унибанка.

– Демантиравте дека имавте врска со ова еднаш кога ја отворив оваа тема и тогаш велевте не е тоа така, ова е скромно местенце, толку квадрати итн, итн… а овде гледам дека сте полн со себе па во јавноста веќе кога се обидувавте да шпекулирате и да лажете. Треба да ѝ дадете одговор на јавноста кога бевте Димитар Апасиев кој ја зборуваше вистината, тогаш, или кога излезе овој записник пред вашите во ЦК – рече Мицкоски.

Кога сме кај злоупотребите во Левица, рече премиерот, свиркач до нив исто така доставил список на трансакции во кој, како што кажа од собраниската говорница, има стотици трансакции на пари префрлани од политичката партија Левица на трансакциска сметка на Апасиев.

– Еве ги сите трансакции како ја молзете и како ја цицате Левица односно парите коишто граѓаните ги уплаќаат во Буџетот. Вие треба да одговорите дали е точно или не е – рече Мицкоски.

Но, додаде дека него повеќе го загрижува кандидатот за градоначалник на Левица за Скопје Амар Мециновиќ, кому исто така на трансакциска сметка му биле префрлувани пари од сметката на партијата.

Мицкоски ова го кажа контра обвинувањата на Апасиев за поврзаноста на ВМРО-ДПМНЕ со агенцијата Рубикон и нејзиниот сопственик, која го обезбедувала објектот на дискотеката „Пулс“ во Кочани во која во пожар починаа 63 лица, а околу 250 се повредени. Апасиев, кој од говорницата покажуваше фотографии, го праша Мицкоски дали ќе си поднесе оставка, повикувајќи се на изјава на премиерот.

Претседателот на Владата Мицкоски рече дека Апасиев се служи со лаги, невистини и клевети и оти и тој има слика со него додавајќи дека можеби требаше и тие да ги објави.

Back to top button
Close