Апасиев на потемнетиот „светилник“ на антифашизмот

Сеедно што Апасиев е присутен на манифестациите на Денот на победата во Москва, како што е наведено во објавата, „на покана на претседателот на Комунистичката партија на Руската Федерација (КПРФ) д-р Генадиј Зјуганов“, со кого делат слични идеолошки убедувања, денешна Русија најмалку може да биде „светилникот“ на борбата против историскиот ревизионизам и одбрана на вредностите на антифашистичката борба

 

Претседателот на партијата Левица, Димитар Апасиев, е еден од ретките политичари од европскиот континент – покрај српскиот претседател Александар Вучиќ, словачкиот премиер Роберт Фицо и претседателот на Република Српска Милорад Додик – кои деновиве присуствуваат на свеченостите по повод 80-годишнината од победата над фашизмот во Москва, меѓу кои централен настан е воената парада на Црвениот плоштад.

Левица вчера (08.05.2025) на официјалната партиска Фејсбук страница објави дека Апасиев одржа говор во Паркот на победата во Москва, во рамки на одбележувањето на јубилејните 80 години од победата над фашизмот, при што истакна дека Левица се бори против историскиот ревизионизам и ги брани вредностите на антифашистичката борба:

Нашите дедовци, партизаните од Југославија, се бореа рамо до рамо со народите на Советскиот Сојуз против заедничкиот непријател. Во борбата против фашизмот бевме обединети и таа солидарност е основа на нашата историска поврзаност, која сме должни да ја зачуваме. Во контекст на современата меѓународна нестабилност, особено е важно да се зачува историската вистина и да се спротивставиме на обидите за историски ревизионизам. Победата од 1945 година е победа на антифашизмот и победа на човештвото. Наша должност е да ја пренесеме оваа вистина на идните генерации, да го зајакнеме мирот заснован на почит, еднаквост и солидарност меѓу народите, се наведува во објавата на Левица.

 

„Вистиномер“ веќе пишуваше за проруските дезинформации кои последниве три години ја користеа Втората светска војна и како оправдување на руската воена инвазија врз Украина и нејзина „денацификација“. Неретко во тие дезинформации се повлекуваат паралели со историските настани од периодот пред и за време на Втората светска војна како обид да се манипулира во своја корист и за свои цели.

Апасиев во неговиот говор вели дека „во борбата против фашизмот бевме обединети и таа солидарност е основа на нашата историска поврзаност, која сме должни да ја зачуваме“. Без разлика колку говорите од овој тип знаат да бидат пригодно славенички, сепак историските факти говорат дека во борбата против фашизмот немало секогаш обединувачка димензија, како и историска поврзаност која сме биле должни да ја зачуваме.

Алтуелната проруска пропаганда, да потсетиме, ги пласира наративите дека СССР ја ослободила Полска во септември 1939 година, не признавајќи дека всушност ја поделила со нацистичка Германија, со која соработувала сè до меѓусебната војна која започнала во јуни 1941 година.

Од друга страна, во институционалната меморија на Северна Македонија – не само како земја-сукцесор на СФРЈ, туку и како активен учесник во надворешната политика на Југословенската Федерација од 1944 до 1991 година – видно место зазема 1948 година и раскинувањето на Титовата Југославија со политичката доктрина на сталиновиот СССР, токму истата земја со која Апасиев апелира дека треба ја сочуваме историската поврзаност.

На наративот од арсеналот на проруските дезинформации дека СССР практично сама извојувала победа против обединета „нацистичка Европа“ – наспроти историските факти дека Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави и Слободна Франција одиграле клучна улога во победата над нацистичка Германија, паралелно пружајќи ѝ силна логистичка поддршка на СССР – во последно време се надоврзува и тврдењето дека историската меморија систематски се уништува, посебно во Украина и Балтичките земји.

Современата меѓународна нестабилност, која Апасиев ја потенцира во неговиот говор, последниве три години е нарушена токму од неговиот домаќин, кој започна целосна воена инвазија врз Украина на 22 февруари 2022 година. Лидерот на Левица вели дека треба „да го зајакнеме мирот заснован на почит, еднаквост и солидарност меѓу народите“, а тоа го прави токму во епицентарот на земјата која го користи споменот на Денот на победата како изговор да ја оправда нејзината воена инвазија врз соседната земја и да ја „денацифицира“.

Сеедно што Апасиев е присутен на манифестациите на Денот на победата во Москва, како што е наведено во објавата, „на покана на претседателот на Комунистичката партија на Руската Федерација (КПРФ) д-р Генадиј Зјуганов“, со кого делат слични идеолошки убедувања, денешна Русија најмалку може да биде „светилникот“ на борбата против историскиот ревизионизам и одбрана на вредностите на антифашистичката борба.

 

Back to top button
Close