Апасиев: Нема консензус за Изборниот законик, Левица ќе го блокира ако во него остане политичката дискриминација 360степени | 29 јуни, 2026 16:43

Работната група не постигна консензус за предложените измени на Изборниот законик, а учеството на Левица во овој процес во ниту еден случај не значи согласност со понудените решенија. Ова денеска на прес-конференција го изјави пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, најавувајќи дека партијата уште денес собраниски ќе го блокира донесувањето на законот доколку власта се обиде насилно да го протурка.

Апасиев нагласи дека Левица од самиот почеток барала носење на целосно нов Изборен законик наместо парцијални решенија, додавајќи дека Министерството за правда мора да ја преземе целата одговорност како предлагач.

Според лидерот на Левица, во работната група останале пет прашања што не биле затворени – условите за независните кандидати по одлуката на Уставниот суд, електронското гласање на дијаспората, државното финансирање на изборните кампањи и билбордите, како и воведувањето една изборна единица.

Во делот на државното финансирање на кампањите, Апасиев рече дека предлогот ги задржува решенијата кои претходно биле оценети како спорни и од страна на ОБСЕ.

„Наместо еднакви правила, остануваат истите законски решенија. Повторно за сите има средства, освен за Левица, што претставува класична политичка дискриминација. Со двајца пратеници Левица добиваше повеќе средства отколку денес со шест пратеници. Тоа нема никаква разумна логика“,изјави Апасиев.

 

Тој појасни дека Левица понудила модел на фер распределба по принципот 40-40-10-5-3 кој ги опфаќал сите категории, но бил одбиен. Наместо тоа, во игра била варијантата 42-42-8-5-3, што, според Апасиев, за помалите партии значи само „трошки“.

„Ставот на партијата е јасен – или ќе има еднакви услови за финансирање на сите политички субјекти, или државното финансирање треба целосно да се укине и да се организираат исклучиво јавни дебати“,рече тој.

Апасиев најави дека Левица ќе побара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 76-д од Изборниот законик, кој директно ја исклучува партијата од буџетските средства за кампања. Апасиев упати критика до Уставниот суд, тврдејќи дека слична иницијатива веќе една година стои во фиока без одлука.

„Апелираме на разумност и овој процес да не се саботира. Во спротивно, пратениците на Левица уште денес ќе го блокираат донесувањето на Изборниот законик“,порача тој.

Одговарајќи на новинарски прашања, Апасиев потврди дека официјалниот текст на предлог-законот сè уште не е поделен на пратениците, но очекува тој да биде ставен во собраниска процедура во текот на денот со цел да се фатат роковите поврзани со европската Реформска агенда.

Денеска и од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) најавија дека ќе го блокираат предложениот Изборен законик во Собранието бидејќи, според нив, содржи решенија кои се недемократски и отвораат простор за злоупотреба и контрола на изборниот процес.

Лидерот на партијата, Венко Филипче, го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека власта се обидува да воспостави контролиран систем по примерот на поранешниот премиер Никола Груевски.

Инаку, за попладнево е закажана собраниска седница на која пратениците ќе ја почнат расправата за новите измени и дополнување на Изборниот законик, што ќе се носат по скратена постапка, а законот е дел од Реформската агенда.

Предлогот до Собранието е доставен од група пратеници, и тоа Антонијо Милошоски, Зеќирија Таири, Даниел Стојчевски, Блерим Беџети и Иванка Василевска. Меѓу другото, со измените се предвидува електронско гласање на дијаспората, а има промени и во делот на државното финансирање на партиите.

Back to top button
Close