Апасиев: Тошковски ја заташкува истрагата за функционерите од ДПМНЕ да не одговараат

Откако вчера пратеничката група на Левица поднесе Интерпелација за работата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денес се огласи и претседателот на партијата и пратеник Димитар Апасиев.

Апасиев, во објава на социјалните мрежи, укажува дека досега, при секоја голема трегедија, актуелните министри си поднесувале оставки, кои потоа премиерите (Груевски и Заев) – „не им ги прифаќаа!? Во Србија дури падна и Владата за трагедијата со 15 загинати во Нови Сад!“

„Но, овој бескрупулозен министер, со образ ѓон, кој е познат како “адвокат на урбаната мафија” – нема ниет да ја сфати суштината на оставката од морални причини, иако МВР и те како е криво за она што се случи во Кочани, каде што загинаа 60-на луѓе, а над 200 се повредени! Овој послушник на премиерот, има само една задача – да ја заташка истрагата со цел ниеден актуелен функционер-вмроид да не одговара! Затоа, ние му поднесовме ИНТЕРПЕЛАЦИЈА и со него ќе се соочиме машки на собраниска седница“, пишува Апасиев на социјалните мрежи.

Интерпелацијата за Тошковски која вчера ја поднесе Левица, како што информираа е затоа што од позиција на министер,  грубо ја занемарил и несоодветно ја извршувал својата јавна функција, постапувајќи нестручно, неодговорно и непрофесионално што довело во низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови промашувања во МВР.

Back to top button
Close