Апел од делчевскиот градоначалник по зголемениот број случаи на коронавирус

– Поради зголемениот број позитивни случаи на коронавирус во Делчево и на лицата кои се во самоизолација, градоначалникот Горан Трајковски излезе со апел до граѓаните за почитување на мерките за заштита од коронавирусот. Тој рече дека со свој личен пример сите треба да придонесат во зачувување на колективното здравје.

-Јас уште еднаш апелирам до сите граѓани, да се почитуваат мерките за заштита, да се носат заштитни  маски за лице, да се одржува дистанца и редовна дезинфекција на рацете, но пред сè, да нема групирања. Ова што се случува по рестораните и кафулињата во Делчево, само уште еднаш ја покажува неодговорноста на поединци која може да доведе до ситуација, кога во државава се смирува епидемијата, тука да почне да се разгорува, истакна Трајковски.

Делчево како што додаде беше град, каде со месеци немаше ниту еден случај со коронавирусот и затоа посочи на лична одговорност до секој еден жител на општината.

-Не го загрозувајте здравјето на вашите родители и пријатели, бидејќи никој не може да ве заштити, ниту локалната, ниту државата, ниту СЗО, ако самите не го направите тоа. Од оваа болест никој не е имун, затоа доколку некој има симптоми на болеста или е без симптоми, но имал контакти со заболени лица, задолжително да направи тест и веднаш да се самоизолира, без разлика што резултатите не се готови. Со тоа ги штитите своите најблиски, пријателите, соседите, целиот град, додаде Трајковски.

Тој нагласи дека Општина Делчево, покрај редовните дезинфекции на улиците и јавните објекти и површини, ќе направи и вонредна дезинфекција.

Back to top button
Close