Апелација денеска јaвна седница за убиството на ракометарот Денис Тот
Во скопскиот Апелациски суд денеска ќе се одржи јавна седница за кривичниот предмет поврзан со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот (27). Оттаму соопштија дека седницата е закажана за во 10:30 часот.
На 30 ноември минатата година Кривичниот суд, за убиството на хрватскиот државјанин Денис Тот на повеќегодишни затворски казни ги осуди Анџело Ѓорѓиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски. Ѓорѓиевски и Левковска добија по 18, а Костовски 16 години затвор.
Ракометарот почина на 8 април 2022 откако бил претепан пред ноќен клуб во Градски парк во Скопје.
Во обвинителниот акт беше наведено дека Ѓорѓиевски, Левковска и Костовски, на 7 април по кратка расправија го нападнале Тот и му задале повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај него најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал.
Процесот го водеше судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а обвинението го застапуваше обвинителката Тања Трајчевска.