Апелација: Изречената казна од осум години затвор за Ангелче Николов е највисоката во изминатите пет години
Казната затвор од осум години што Апелацискиот суд Скопје му ја одреди на велешанецот Ангелче Николов, кој во сообраќајна несреќа усмрти 11-годишно девојче, е највисоката изречена казна за ваков вид кривично дело во изминатите пет години, покажува анализата што ја направила Апелација.

Инаку, Николов во првостепената постапка за случајот што се водеше во Основниот суд во Велес беше осуден на 18 години затвор, но Апелација по разгледувањето на жалбите на обвинетиот и на неговите бранители, донесе пресуда со која ја намали за повеќе од половина, што предизвика жестоки реакции во јавноста.
Токму реакциите во јавноста биле повод Апелацискиот суд Скопје по сопствена иницијатива да направи анализа на досегашната казнена политика на судот за кривичното дело од член 300 од Кривичниот законик – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Во анализата, како што се наведува во соопштението од судот, објaвено на неговата официјална интернет-страница, посебен акцент бил ставен на предметите каде што имало загинати едно или повеќе лица.
Од околу 170 случаи во кои постапувал судот во изминатите пет години, во 96 од нив исходот бил со смртни последици. Во најголем број од предметите, односно во над 80 отсто од нив судот изрекол затворска казна која се движела од најмалку пет месеци до седум години и два месеци, додека во останатите, обвинетите биле казнети условно.
„Во изминатите пет години, сметано од август 2018 до август 2023 година, Апелациониот суд Скопје постапувал по 173 кривични предмети во врска со член 300 од Кривичниот законик, од кои во 96 се бележат смртни последици, а во 15,8%, со правосилна одлука, изречена е условна казна, односно во 84,2% затворска казна која пак е во опсег од најмалку пет месеци а најмногу седум години и два месеци“,се наведува во соопштението на Апелација.
Според анализата на судот, најголемиот број изречени казни затвор се во траење од две до пет години, во зависност од утврдената фактичка состојба и олеснителни и отежителни околности.
„Изречената казна затвор од осум години за сообраќајна незгода со смртни последици во предметот на Основниот суд Велес со која осумнаесетгодишната затворска казна е намалена, претставува досега највисока изречена казна затвор за ваков вид кривични дела, при што од значење е да се напомене дека истата претставува единствена казна изречена за сторено кривично дело кривично дело од член 300 став 2 од Кривичниот законик – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и член 301 став 1 од Кривичниот законик – неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“,велат од Апелација.
Во врска со одлучувањето по поднесени жалби, судот во над 50 отсто од случаите ги потврдил одлуките на првостепените судови, а во 48,4 отсто тие биле преиначени.
„Апелацискиот суд Скопје постапува по жалби на одлуки на првостепените судови од своето апелационо подрачје и во рамки на жалбените наводи, при што дел од пресудите по кои е постапувано биле обжалени само во делот на казната или само по однос на решението за трошоци. Во предметите по коишто постапувал судот 51,6 отсто ги потврдил одлуките на првостепените судови, а 48,4 отсто се преиначени“,се наведува во соопштението на скопска Апелација.
За одлуката, односно пресудата со која на велешанецот Ангелче Николов му е преиначена првостепната пресуда и казната му е намалена од 18 на осум години затвор, Апелацискиот суд во Скопје информира на 7 август. Казната за Николов е намалена за двете дела за кои тој се товареше – тешки дела против безбедноста на луѓето и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
Пресудата на скопска Апелација предизвика жестоки реакции и негодувања во јавноста поради драстичното намалување на казната.
Поради големата разлика во изречената казна, членовите на Судскиот совет најавија дека по враќањето од годишните одмори ќе го испитаат случајот со изречената пресуда. Оттаму, апелираат и до Врховниот суд да обезбеди еднаква примена на законите од страна на судовите преку воедначување на судската пракса, посебно за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.
Сообрачајната несреќа во која 28-годишниот велешанец Ангелче Николов возејќи под дејство на алкохол и со неприспособена брзина прегази мајка и нејзината 11-годишна ќерка, која почина, се случи на 17 декември минатата година во строгиот центар на Велес, на улицата„Борис Трајковски“.
Од силината на ударот, малолетното девојче било исфрлено речиси до следниот пешачки премин на улицата и починало, а возачот Николов воопшто не запрел, туку продолжил да вози со голема брзина. Неговиот „мерцедес“ полицијата брзо го пронајде, а Николов самиот се пријави два дена по сообраќајната несреќа.
За време на судењето, обвинителството побара максимална казна, а судијката Габриела Гајдова која го водеше процесот во велешкиот суд, појасни дека судот смета дека осудениот може да го повтори делото, поради што му ја продолжи мерката притвор сè до спроведување на казната затвор, во која му се засметува времето поминато во притвор.
Таа при изрекувањето на казната потенцира дека иако на првото рочиште Николов ја призна вината, во текот на целата истражна постапка не искажал вистинско каење и жалење за загубениот живот на 11-годишното девојче Магдалена.