Апелација не ги коментира обвинувањата од Кривичен дека се одговорни за застарувањето на предметите на СЈО
Во овој момент, Апелациониот суд Скопје нема да ги коментира наводите изнесени од Основниот кривичен суд Скопје, во врска со постапувањето на судот.
Ваков одговор испрати второстепениот суд на прашањата од висок јавен интерес што им ги испрати „Слободен печат“, а во врска со обвинувањата од Кривичниот суд дека Апелација, покрај измените на Кривичниот законик е одговорна што ќе застарат голем дел од предметите на згаснатото Специјално јавно обвинителство во кои се обвинети поранепни функционери од власта на ВМРО-ДПМНЕ
Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев вчера на брифинг со новинарите рече дека предметите на СЈО не застареа заради неефикасното судство и судиите, туку поради измените на КЗ со кој се намалија казните за кривичното дело злоуптреба на службената положба и овластување по член 353, но и заради тоа што Апелацискиот суд им ги вратил речиси сите првостепени пресуди на повторно судење, некои и по два пати, а не донел ниту една мериторна одлука иако има законска можност. Доколку второстепениот суд носел мериторни одлуки, предметите немало да застарат.
Од Кривичен истакнаа дека од 21 предмет на СЈО, Апелација им вратила 18 предмети на повторно одлучување, а три предмети, „Титаник 3“, „Титаник 2“ и „Тревник“ се прeсудени по два пати.