Апелација одржа јавна седница во присуство на Васил Јованов и неговиот адвокат за делото трговија со дрога
Според бранителот на Јованов, адвокатот Панче Нефтенов, санкцијата на Кривичниот суд неговиот клиент да оди во воспитно-поправен дом била добра одлука, додека, пак, застапничката на Обвинителството, вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи смета дека Кривичен при носењето на пресудата ги преценил олеснителните околности во однос на Јованов и му изрекол санкција која е премногу блага и не кореспондира со целите на казнувањето
Ова е втор пат скопска Апелација да го разгледува овој предмет откако пресудата што овој суд ја донесе во мај годинава беше укината од Врховниот суд поради процесна грешка
Денеска во Апелацискиот суд Скопје се одржа јавна расправа за предметот во кој Васил Јованов е обвинет за трговија со дрога, дело што го сторил неколку месеци пред смртно да ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова на пешачки премин во Скопје.
На седницата младиот Јованов беше присутен заедно со својот адвокат Панче Нефтенов.
„Не сум го сторил тоа за што ме товарат, Ве молам како суд да ми дозволите малку и јас да почувствувам правда“,им се обратил Јованов на судиите од тричлениот судечки совет на скопска Апелација на крајот од денешната седница, пренесе ТВ Телма.
Инаку, денешната седница уследи откако Врховниот суд во мај годинава ја укина второстепената пресуда со која скопска Апелација ја преиначи казната што Основниот кривичен суд Скопје му ја одреди на Јованов во предметот за трговија со дрога – заводска мерка во воспитно-поправен дом, изрекувајќи му ефективен затвор од три години и 10 месеци.
Пресудата на Апелација, највисокиот суд ја укина бидејќи, како што беше образложено од Врховен, второстепениот суд не одржал јавна седница во присуство на Јованов и неговиот адвокат на која ќе се разгледуваат жалбите на одбраната и Обвинителството на првостепената пресуда на Основниот кривичен суд за ова дело.
Поради ова Врховен го врати предметот на повторно постапување во Апелација, по што беше одржана денешната јавна седница во присуство на Јованов и неговиот адвокат.
На неа адвокатот Нефтенов рекол дека санкцијата изречена од Кривичен, неговиот клиент да оди во воспитно-поправен дом, била добра одлука со која му се дава шанса на млад човек да увиди дали и колку згрешил и да му овозможи рехабилитација.
Од друга страна, јавната обвинителка на Вишото јавно обвинителство Скопје, Фатиме Фетаи, која го застапува предметот пред Апелација, рекла дека Основниот кривичен суд Скопје при носењето на пресудата ги преценил олеснителните околности во однос на Јованов и му изрекол санкција која е премногу блага и не кореспондира со целите на казнувањето.
„Самиот факт дека обвинетиот не ја признал својата вина пред судот и доброволно да ги прифати последиците на своето однесување, со што би покажал каење за стореното доволно зборува за неговата свесност и истрајност како млада личност да се занимава со продажба на наркотична дрога во станови специјално изнајмени за таа намена, што е доволна слика за неговата ниска морална свест и лукративни побуди на лесен начин да дојде до профит на незаконит начин“навела Фетаи.
Одговарајќи на нејзините наводи, адвокатот рекол дека обвинителката треба да ја прочита изјавата на Јованов од завршните зборови за да се увери дали тој изразил искрено жалење.
„Во однос на санкцијата се наметнува прашањето дали досега изречените казни на малолетни сторители на затворски кани за дрога ја исполниле целта на казнувањето? Дали затворите во Македонија се универзитети за криминал и дали затворите работат на рехабилитација на сторителите. Напротив, процентот на повратот на сторители, особено на овој вид кривични дела покажува зголемен раст“,изјавил Нефтенов.
По денешната јавна седница, тројцата апелациски судии дополнително треба да донесат одлука во однос на предметот на Јованов за трговија со дрога.
За потсетување, Основниот кривичен суд Скопје во јули лани го осуди Васил Јованов за продажба на марихуана и кокаин изрекувајќи му санкција заводска мерка во воспитно-поправен дом. Поради ваквата пресуда, нему му беше укинат и одредениот притвор за ова кривично дело.
Но додека траеше жалбената постапка, името на Васил Јованов, како и пресудата на Кривичен, станаа актуелни во јавноста откако тој доцна вечерта на 29 јануари смртно ја прегази младата Фросина Кулакова на пешачки премин, возејќи под дејство на алкохол, без возачка дозвола и со брзина поголема од дозволената.
На 7 февруари Апелацискиот суд Скопје ја преиначи казната за трговија со дрога во ефективен затвор 3 години и 10 месец, но во мај Врховниот суд во мај ја укина пресудата затоа што Апелација не ги известила Јованов и неговиот адвокат дека ќе се одржи седница на која ќе се разгледуваат жалбите на одбраната и Обвинителството.
На 13 мај Основниот кривичен суд Скопје го прогласи Васил Јованов за виновен за прегазувањето на Фросина Кулакова и му одреди затворска казна од 12 години затвор. Одбраната на Јованов веднаш најави жалба на пресудата сметајќи дека судот донел драконска казна, а од Обвинителството најавија дека дополнително ќе се произнесат.