Апелација утре ја продолжува јавната расправа за пресудите за „27 април“
На почетокот на судењето дел од одбраната побара да бидат изземени судиите Јани Нича, Енвер Беџети и Тања Дуковска.
Адвокатот Звонко Давидовиќ рече дека законот е многу јасен и во него стои дека ако судија во истиот суд решава и донел одлука што може да се побива со жалба, во тој случај не може да биде судија во предметот.
– Во два наврата Нича и Беџети беа судии, ние ги побивавме по жалба на суд, еднаш за гаранција, еднаш за продолжување на притворот и сметам дека законот не за џабе ова го предвидел, затоа што во образложение на решенијата го третираат кривичното дело, значи тежина на кривичното дело, политичката мотивираност и така натаму, што покажува дека веќе имаат свој став и свое формирано мислење што е недозволиво пред да решат по жалбата, образложи Давидовиќ.
Апелацискиот суд одлучи да не го прифати барањето за изземање.
Јавната расправа за жалбите за пресудите продолжува утре.