Апелацискиот суд во Њујорк ја поништи казната од околу 500 милиони долари против Трамп
Апелацискиот суд на американската сојузна држава Њујорк денеска ја отфрли казната од околу половина милијарда долари против претседателот Доналд Трамп во случајот измама.
Одлуката на Апелацискиот суд на Менхетен е пораз за главната обвинителка на Њујорк, Летиција Џејмс, која Трамп ја обвини дека ја поднела тужбата за да поттикне политички лов на вештерки и да го спречи да освои втор мандат. Во февруари 2024 година, судија од понискиот суд ја потврди казната откако утврди дека Трамп погрешно го претставил своето богатство и средства за да го поттикне бизнисот на неговото семејство.
Трамп негираше какво било кривично дело, а неговите адвокати тврдат дека сите грешки во пријавувањето на богатството на Трамп на неговите доверители и деловни партнери се ирелевантни бидејќи никој не бил оштетен.
По одлуката на Апелацискиот суд на Менхетен Трамп прогласи „целосна победа“.
– Го почитувам фактот што судот имаше храброст да ја отфрли оваа незаконска и срамна одлука, објави Трамп на социјалните мрежи.
Според Си-ен-ен (CNN) денешната одлука значи дека Трамп и понатаму е одговорен за измамата и дека казната е укината за да може случајот да продолжи и понатаму да се разгледува во повисоките судови.
Во меѓувреме, Министерството за правда ја истражува обвинителката Џејмс за поднесување на тужбата, што се толкува како продолжение на репресијата на Трамп против политичките неистомисленици.