Аплаузот за Милорад Додик во Скопје

Радикалниот лидер на босанските Срби Милорад Додик имаше два часа слава во Скопје, главниот град на Северна Македонија – држава членка на НАТО. Притоа тој го отпеа својот редовен репертоар, со малку примеси на поддршка кон домаќинот осудувајќи ја политиката на ЕУ кон нашата земја. Премиерот Христијан Мицкоски изрази разочарување, што несомнено е искрено, особено затоа што и тој беше во публиката па мораше да ја слуша беседата на Додик.

Милорад Додик не е гостин кој ѝ прилега на Северна Македонија. Нашите стратешки цели во надворешната политика се НАТО и ЕУ, за кои се бориме повеќе од три децении, и дадовме многу жртви. Денес, благодарение на една од тие жртви, како што беше промената на името на државата, сме почитувана членка на НАТО во која имаме еднаков глас за одлучување како што имаат САД, Канада, Велика Британија, Франција, Германија и други светски сили.

Додик пак, е личност од црната листа на САД на која е и неговото семејство и бројни соработници означени како извршители на коруптивни активности, и најважното подривачи на Дејтонскиот договор и закана за мирот на Балканот. Тоа е добро познато за овдешниот естаблишмент но сепак поканата за Додик не беше оспорена од никого, ниту пак нашиот државен врв направи чекор да се дистанцира од Додик и неговата политична токсичност за амбициите на Северна Македонија.

 

Реторичко прашање

Денот потоа, кога премиерот Мицкоски констатираше дека Додик не постапил добро што говорот го искористил за пораки како што се негирање на геноцидот во Сребреница, се наметнува реторичко прашање: А што мислеше Скопје кога му даде подиум на Милорад Додик? Дека ќе нѐ поздрави и ќе замине или дека ќе ги шири своите пропагандистички и штетни пораки кои се закана за мирот и стабилноста во регионот?

Загрижува и коментарот на Иван Стоиљковиќ, втор човек во Владата, кој вели дека нема намера да се откаже од своите браќа какви и да се тие. И самиот Стоиљковиќ е познат по негирање на геноцидот во Сребреница, но тоа не беше проблем да добие висока позиција во македонската влада во миговите кога очите на меѓународната заедница се вперени во Северна Македонија и бугарското вето за преговорите со ЕУ.

Бугарија не мора ништо да прави за да поентира во својот убедувачки поход дека Скопје е центар на просрпски политики и дека комунистичкото минато сѐ уште не е надминато туку е основа за антибугарската политика. Срдечниот прием на Додик оди токму на бугарската вода.

Проблематично е и што Милорад Додик е човекот кој цврсто стои зад рускиот претседател Владимир Путин а и Путин цврсто стои зад Додик. Каде Северна Македонија се наоѓа во една таква комбинација е прашање кое заслужува одговор од нашите власти бидејќи не може да се кокетира со личности како претседателот на Република Српска, а да се очекува дека Европа ќе ни додели сертификат за проевропски политики и отпорност кон ветровите кои континуирано дуваат од север.

 

Додик и Путин

Да му дадете микрофон на Милорад Додик е исто како да сте му дале микрофон на Путин. Цела ЕУ се обидува да ги скроти аспирациите на овој миленик на Кремљ за одвојување и освојување на дел од БиХ, а во Скопје му послаа црвен килим и му подигнаа бина за од таму да ја шири својата опасна реторика обландирана во божемна грижа за Македонија. И како тоа да не беше доволно, во првиот ред во публиката седеа претставници на највисокото политичко раководство на земјата домаќин, здружено и од Владата и од опозицијата. Тука беа и високите црковни претставници како поглаварот г.г. Стефан а добро знаеме дека едно од начелата на христијанската религија е не убивај и не прави зло. Во име на таа христијанска религија, посоодветно ќе беше барем да сврти глава од човекот кој ги негира злосторствата во Сребреница од кои целиот свет се згрози.

Оттука, ќе смогне ли некој сила јасно и недвосмислено да ги осуди пораките на Додик испратени од нашиот двор или ќе ги премолчиме? Да се одмолчат такви работи е рамно на политичко самоубиство. Не се во прашање само Владата и опозицијата туку и целиот народ кој го претставуваат премиерот, вицепремиерите и министрите, и илјадници граѓани кои чувствуваат лична болка од масакрот во Сребреница. Или, ако пак, станува збор за плаќање на цена за одржување на владината кохезија, таа цена е превисока и опасна за Северна Македонија. И чесно е и тоа да се каже, наместо да се стави под тепих едно толку важно прашање кое е огледало на надворешно-политичките позиции на државата.

Демократијата е една работа, а способноста да се одржува паметна навигација во надворешната политика е друга работа. Впечаток е дека нашата земја не успева да одржува надворешна политика во согласност со стратешките цели кои ги има поставено уште од осамостојувањето. Додик имаше причини да си замине задоволен од Скопје и да се врати во својата тврдина во Република Српска чекајќи повик од Путин за да ги резимираат своите политики. На Северна Македонија и останува да учи од своите грешки и да научи дека во политиката постои и изговорот „немам време да дојдам“ како можност највисоките функционери да покажат став кон личности со кои не треба да се најдат во исто друштво. (Dw)

Соња Крамарска

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close