Апокалипсата на Отешево-Преспа
Трифун Костовски
Почитувани читатели, несомнено езерото Преспа и целиот езерски регион е наше непроценливо природно богатство, а за мене голем предизвик. Веќе пишував за културното наследство на овој исклучително фасцинантен регион чие богатство сѐ уште е длабоко закопано и се држи далеку од очите на јавноста.
Целата обала на ова прекрасно езеро е волшебно чудесна. Денешнава колумна ќе ја посветам на местото Отешево кое се наоѓа на западната страна од Преспанското Езеро, сместено во пазувите на планината Галичица со раскошен биодиверзитет од флора и фауна. Несомнено, Отешево е најкултното место во целиот Преспански регион кој со својата кротка природа и раскошна убавина ги мами туристите. Кога ќе стапнете на едно вакво место не може а да не се вљубите на прв мирис, звук и колорит. Овој прекрасен амбиент мириса на езеро, во кое се рефлектираат боите на Галичица и звуците на шумскиот свет. Каде и да се свртиш гледаш бајковито нестварна убавина.
Во бившата СФРЈ, Отешево беше елитна дестинација за вљубениците во природата, омиленото место каде многу генерации ги поминуваа своите годишни одмори уживајќи во климатскиот благодет, земен рај скриен на Преспанското Езеро. Елитните хотели ,,Европа” и ,.Југославија” важеа не само за Македонија туку и за целата бивша СФРЈ како авангардни туристички предизвици. За жал, денеска тоа е минато. Инфраструктурата на овие хотели беше складно имплементирана во нивното функционирање, авангардни и за модерна Европа. Тениски терени, мини голф игралиште, баскет, фудбал, спектар од теретани беа само дел од она што денеска се наsира како остаток од два девастирани хотели. Глетката на овој уништен стопански објект е траорно. Сѐ што можеше да се откорне од овие два објекти е откорнато, извадено, уништено и денес делуваат како сенки, авети од минатото.
Сѐ до крајот на минатиот век овие хотели беа во функција. Пожарот во кујната за која јавноста сѐ уште не знае дали бил подметнат или не, ги опустоши овие моќни објекти и престори во руина. Да појаснам: и двата хотели имаа капацитети од преку 500 кревети. Моите импресии за овој напуштен стопански субјект посебно после посетата на Крит, се разочарувачки.
Сопственикот на овие два објекти, португалската фирма Аква Пура, не покажува никаков интерес за реконструирање на ваков капацитет, ниту грижа да го огради и барем визуелно да нѐ поштеди, нас граѓаните на Република Македонија, да не бидеме неми сведоци на девастираниот имот кој само пред две децении нудеше прекрасни услови за квалитетен одмор.
Крит и критјани од островот Спиналонга направија историја. Во последниве две децении Крит е перманентна мета на туристите да го видат, посетат и запознаат со историјата и природниот капацитет на овој остров. Што направија моите преспанчани, како дозволија веќе трета деценија најатрактивниот дел од Преспанското Езеро да биде руинирано.
Посетата на Отешево беше организирана од моите пријатели Тони и Лазе. Тони, како еминентен музичар низ целиот регион, умее да каже дека најубавите 15 години од неговиот живот ги поминал во хотелот ,,Европа” , а пак Лазе да се гордее што свадбата со својата сопруга Кате ја направиле во овој елитен хотел. Денес, местото каде моите Тони и Лазе евоцираат силни спомени е руина, место жално за гледање.
Со жалост заклучувам дека проблемот е во нас!
Едноставно ми е криво, кога гледам како критјаните од ништо прават нешто градејќи си ја иднината, а ние од нешто правиме ништо, минирајќи ја и сегашноста и иднината како да сме хорда варвари.
Преспа и преспанчани мора да се разбудат! Културното наследство кое го краси овој регион е аманет на нивните пра-пра родители. Не смеат да дозволат да се уништуваат делата на нивните предци. Хотелите ,,Европа” и ,,Југославија” се дела на нивните предци и тоа е драгоцено наследство кое мора да се сочува и воздигне во очите на самите преспанчани, граѓаните на Република Македонија и светот.
Почитувани читатели, чувствував потреба да ги споделам со вас моите импресии за овогодишните летувања и посети на Медитеранот и со моите пишувања да се обидам да ги поттикнам и вашите размислувања, дека треба да се зафатиме во костец со предизвиците кои ги нуди овој модерен свет.
Аналитичкиот приод и заклучоци на луѓето надвор од Македонија и на моите сограѓани во Република Македонија се со една цел: да разбереме дека во животот ништо не се добива за џабе. Само со сопствен труд, знаење и умешност ќе можеме да опстоиме и да градиме сопствена иднина.
Мојата порака е следна: да се образуваме квалитетно, да учиме од најдобрите и да имплементираме тоа што ќе одговара на нашата автентична култура, традиција и посебност.
Само така ќе можеме да опстоиме и да го задржиме духот на минатото, за да градиме иднина, мотивирани во сегашноста.