Јапонија и САД ќе соработуваат во рударството на ретки земни метали од океанското дно
Јапонија и САД имаат намера да соработуваат во областа на рударството на ретки земни метали покрај брегот на островот Минамиторишима, изјави јапонската премиерка Санае Такаичи.

-Обезбедувањето различни начини за рударство на ретки земни метали е важно и за Јапонија и за САД. Ќе продолжиме да разгледуваме специфични начини Јапонија и САД да соработуваат во развојот на наоѓалишта на ретки земни метали во водите во близина на островот Минамиторишима, рече таа за време на говорот во парламентот. Минамиторишима се наоѓа на околу 1.900 км од јапонското копно.
Според Такаичи, научните студии покажаа дека океанското дно во близина на островот содржи разни минерали, вклучувајќи ретки земни метали. „Моментално спроведуваме понатамошни истражувања, како и проучуваме методи на рударство“, додаде таа.
Премиерката истакна дека во јануари 2026 година е планирано да се спроведат демонстративни тестови за екстракција на ретки земни метали од морското дно на длабочина од 6.000 метри.
Како што претходно објавија јапонските медиуми, наоѓалиштето се наоѓа во областа на островот Минамиторишима на длабочина од 5,5 илјади метри и се протега на површина од 10 илјади квадратни километри. Таму се откриени наоѓалишта на сферични минерални формации што содржат ретки метали. Вкупниот волумен се проценува на 210 милиони тони, кои содржат околу 610.000 тони кобалт и 740.000 тони никел






