Јапониja испрати војска на север од државата за да помогнат во борбата против нападите од мечки

Јапонското министерство за одбрана испрати војници на север од земјата за да помогнат во спречувањето на бранот напади од мечки.

Во северната префектура Акита, мечки се појавија во близина на училишта, железнички станици, супермаркети, па дури и спа-центар, а Јапонците низ целата земја пријавуваат дневни напади. Според податоците од јапонското Министерство за заштита на животната средина, мечките повредиле повеќе од 100 луѓе од април, претежно на север од земјата, и убиле најмалку 12 лица.

„Секој ден, мечките ги напаѓаат станбените области во регионот и нивното влијание се шири. Реагирањето на проблемот со мечките е итно прашање“, рече заменик-главниот секретар на кабинетот Фумитоши Сато.

Министерот за одбрана Шинџиро Коизуми вчера изјави дека целта на мисијата против мечките е да помогне во обезбедувањето на секојдневниот живот на луѓето, но дека Силите за самоодбрана не можат да обезбедат неограничена поддршка во борбата против нападите од мечки.

Експертите велат дека стареењето и намалувањето на населението на Јапонија во руралните средини се некои од причините зошто мечките се селат во урбаните средини.

Локалните ловци исто така стареат и не се навикнати на лов на мечки. Експертите велат дека полицијата и другите власти треба да бидат обучени да бидат „државни ловци“ за да помогнат во намалувањето на штетите од мечките.

Јапонската влада минатата недела формираше работна група за да формулира официјален одговор на нападите до средината на ноември.

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close