Јапонски боксер во кома откако колабираше во рингот
Јапонски аматерски боксер е во кома по операција на мозокот откако се онесвести за време на борба, соопшти во денеска Јапонската боксерска федерација (JBF).
Информацијата доаѓа во време кога светот на боксот во Јапонија е потресен од два неодамнешни смртни случаи.
Федерацијата потврди дека 39-годишниот боксер, чиј идентитет не е објавен, се онесвестил по третата рунда од борбата во Токио на 8 август. Тој бил итно префрлен во болница и останува на интензивна нега по операцијата.
Управното тело за аматерски бокс на Јапонија не даде дополнителни детали за неговата состојба, но наведе дека боксерот не се борел повеќе од една деценија и дека неодамна продолжил со тренинзите.
Јапонскиот боксерски свет сè уште е во шок од смртта на Шигетоши Котари и Хиромаса Уракава, двајцата на 28 години, кои починаа неколку дена откако се здобија со повреди во борбите на истиот настан во Токио на 2 август. Јапонските боксерски претставници оттогаш одржаа серија состаноци и ветија дека ќе воведат нови безбедносни прописи.