Апостолски: Не се регистрирани регрутери, ниту борци од С. Македонија во Украина

Надлежните институци во Северна Македонија досега немаат информации дека некој македонски државјанин заминал да војува на страната на Украина во воениот конфликт со Русија којшто се разгорува веќе неколку недели. „До денес немаме податоци дека некој од земјата заминал да војува во Украина. Не се регистрирани ниту регрутери да работат и агитираат за заминување на наши граѓани во Украина“, вели за ДВ шефот на Националниот комитет на Северна Македонија за спречување насилен екстремизам и тероризам, Златко Апостоловски.

Но, ситуацијата будно се следи. Доколку македонски граѓани заминат да војуваат во Украина, на нив им се заканува затворска казна кога ќе се вратат дома. Надлежните во повеќе наврати укажуваат дека секој обид за незаконско заминување на македонски граѓани во кризното подрачје ќе биде третиран со членови од кривичниот закон кои забрануваат учество во странска војска, паравоена или параполициска формација. Согласно тоа, казните за оние кои би отишле таму би биле исти, бидејќи кривичното право не може селективно да се применува. Ваквите апели се засилија откако на 7 март на твитер профилот на Украинската амбасада во Северна Македонија се појави порака со која се повикува на регистрација во Меѓународната легија и за тоа оставени се детали за контакт со одговорни лица од амбасадата.

„За рeгистрациja во Меѓународната легија и за сите детали, контактирајте ја Амбасадата на Украина во вашата земja“, се вели во пораката која што се уште може да се види на Твитер. Во неа се посочува телефонски број и имејл адреса за контакт.

Дојче веле се јави на посочениот телефонски број во објавата, при што контактиравме со лице коешто се претстави дека е вработено во украинската амбасада во Скопје. Тој на прашањето на ДВ дали некој досега од Северна Македонија се пријавил за регрутација во Меѓународната лига, вели дека не може да даде одговор на тоа прашање.

Во однос на објавата ние само постапивме според упатството добиено од украинскиот претседател“, вели соговорникот којшто се јави на телефонскиот број посочен во објавата на Твитер.

 

Кривичниот закон е јасен

Вакви објави осамнаа и во другите земји, но во секоја од нив прашањето за учество на борци во странска војска е поинаку уредено. Во Северна Македонија законите се јасни – според Кривичниот законик секој што организира, регрутира и повикува на учество во странска војска прави кривично дело.

Од македонското МНР посочија дека како земја пријател на Украина, имаат разбирање за сложената состојба во оваа држава и зошто украинските власти повикуваат на секаков вид помош. Сепак, ги потсетуваат граѓаните дека учество во која било странска војска, со законските прописи е кривично дело.

Северна Македонија го забрани учеството во странски вооружени формации во 2014 година, окако се појавија информации дека стотина лица заминале да се борат во сирискиот конфликт и се приклучиле на ИСИС. За нив беа предвидени казни и до пет години затвор.

Според Кривичниот законик тој што спротивно на закон „создава, организира, регрутира, превезува организира превоз, опремува, обучува или на друг начин подготвува лице или група за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на РСМ ќе се казни затвор од најмалку пет години (член 322 – а). Во истиот член пишува дека „македонски државјанин кој учествува или се обучува од страна на странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организира групи или поединечно, надвор од територијата на земјата ќе се казни со затвор од најмалку четири години“. И тој што повикува или врбува или поттикнува друг на извршување на делата ќе се казни со затвор од најмалку четири години.

Овие законски решенија ќе важат и за легионерите кои би заминале во Украина.

 

Повици од двете страни

Како што се разгоруваат воените дејствија, така повиците за регрутирање борци има и од двете завојувани страни. Украина формираше Меѓународна легија на територијалната одбрана, составена од странци кои сакаат да му се приклучат на отпорот против Русија. Тврдат дека бројот на странски доброволци постојано расте. Заменик-министерот за внатрешни работи на Украина, Јевхен Јенин, изјави дека странските државјани кои се пријавиле како доброволци да се борат на страната на Украина во војната против Русија, ќе можат да аплицираат за украинско државјанство.

Овие луѓе ќе потпишат договор, ќе добијат воен пасош, кој ќе ја замени нивната дозвола за престој. Во иднина, ако кој било од нив сака да стане украински државјанин, нашето законодавство ќе му го овозможи тоа“, вели заменик-министерот.

Минатата недела, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека првите 16.000 странски борци пристигнуваат во државата за да ѝ се приклучат на борбата против руските сили. Русија, пак, регрутира доброволци од Сирија кои би се бореле во војната во Украина, посебно за нападот врз Киев, објави „Волстрит џурнал.

Извор: Дв

 

 

 

Back to top button
Close