Апсолутно е нереално еспресо да чини 150 денари – СУТКОЗ предупредува за нереални цени и одлив на работници
По завршувањето на владините мерки, угостителските услуги и прехранбените производи во земјата бележат значителен пораст на цените. Ова, според Стојанче Кашиковски, претседател на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Македонија (СУТКОЗ), не ја одразува реалната економска состојба на граѓаните, особено на работниците.
„Апсолутно е нереално еспресо да чини 150 денари“,
изјави Кашиковски по потпишувањето на Меморандумот за соработка со партнери од Италија, Бугарија и Малта.
Тој посочи дека многумина граѓани не можат да си дозволат да се напијат кафе на плоштад, бидејќи цените се енормно скапи.
Кашиковски ја поткрепи својата изјава потсетувајќи на податоците од Државниот завод за статистика, кои покажале инфлација од околу 3,3 отсто во периодот мај-април, по завршувањето на мерките за замрзнување на цените на производите.
„Тоа е повеќе од доказ за она што ние самите, граѓаните и работниците, го гледаме во продавниците и по пазарите, дека навистина има зголемување на цените“,рече тој додавајќи дека и синдикалната потрошувачка кошничка е покачена.
Освен проблемот со високите цени, Кашиковски алармираше и за одливот на работна сила од секторите угостителство и туризам.
„За жал, нашите социјални партнери, работодавачите, постојано алармираат на недостатокот на кадар во секторите угостителство и туризам. Според нас, причината за тоа се ниските плати што ги земаат работниците во овие два сектора. Гледаме нивно секојдневно заминување во европските и околните земји, каде имаат повисоки плати“,рече тој.
Споредба даде Јордан Јорданов, синдикален претставник од Бугарија и носител на проектот за кој беше потпишан Меморандумот. Тој информира дека на плоштадот во Софија еспресо чини две евра, што е значително поевтино од цените во Скопје, потенцирајќи дека за таа сума може да се добие „добро кафе“ во центарот на бугарската престолнина.