Апсурдистан

Повторно украден наслов овој пат од книгата на  американскиот писател роден во Ленинград и жител на Њујорк, Гари Штејгарт. Апсурдистан е секако измислена држава во ранливиот регион околу Иран, метафора за безсмисленост. Вториот дел од сложената именка- “стан” е староперсиски збор кој има прото-индоевропски корени во зборот “ста” што значи земја. Овој поим кај нас не е непознат посебно кај  градежната (и не само) мафија во  облик познат како стан. И првиот дел од позајмената сложена именка од некаде ни е познат. Со терминот апсурд веќе триесетина година од независноста битисуваме. Речиси како држава со него се побративме. Ние сме држава на апсурдот. Барате докази. Мало трпение. Почнуваме.

Апсурдно беше да после падот на Берлинскиот зид, на прагот на проектираното распаѓање на тогашната ни држава, нашето присобрано политичко раководство, да немаше визија, што да прави, на внатрешен план и секако и на надворешен. На внатрешен план имавме несогласувања уште при прогласувањето на независноста на државата и формулирање на  преамбулата на првиот демократски устав. Приватизација енормно ги збогати до тогаш провинциските  директори, а терминот стечаец беше социјално најдеградиран поединец на работ на егзистенција. На надворешен план поентата беше да се избегне војната во оазата на мирот. Сепак не успеавме. Еуфемистички ја нарековме криза, која донесе многу жртви, а и судски процеси без праведна правна завршница, што пак резултираше со нови  невини жртви.

Aпсурд беше приемот во ОН и гиљотина   на името. Собранието не расправаше за името, а народот не протестираше за новиот акрином, кој наводно требаше да се користи неколку месеци, а траеше речиси триесет години. После тоа не прекрстија со географска одредница и омеѓување на терминот Македонец, односно Македонија, што донесе членство во НАТО, ама и неизвесност за прием во ЕУ. Референдумот беше суштински неуспешен и алгоритмички злоупотребен во Парламентот при гласањето. РМ стана членка на НАТО со посебна радост на третата по големина политичка партија, која од “горска” се претвори во миротворна “зелена” партија во чии одаи американското знаме  е незаобиколен декор.

Апсурдно е што раководството на РМ во подготовките за прогласување на самостојност, а посебно после септември 1991, не ги повика најквалитетните поединци во државата ,а и оние од надвор, во формирањето на владата и институциите. Првата наша влада беше прогласена за експертска, исто онака како што и владата која деновиве падна во Црна Гора беше експертска. Практично беше влада на еден конгломерат на политичари со нагласени  партиски атрибути.

Апсурдно е да немаше процена како РМ ќе се проектира во меѓународните односи. Бевме тотално дезориентирани. Не проценивме каде се осетливите точки во нашите односи со соседите и не направивме национална   стратегија како во подготовките( ако воопшто  ја имавме) за прогласување на независноста, така и после септември 1991. Казната стига во Преспа и со Договорот за добрососедство со Бугарија. Наивно е да сметаме дека стратешкото партнерство со САД да го сметаме како вистинско партнерство, а не како американски стратешки провиден патернализам. Политика спрема Истокот не ја есапевме. ЕУ се покажа неверна дама, која ќе зажали што не остава вон ЕУ, бидејќи во Европа сме од памтивек. Украина може ќе ја подразбуди.

Апсурдно е начинот како се ширеше дипломатска мрежа. Се разбира без критеријум и приоритет. Во исламскиот свет отваравме амбасади, како да е еден од критериумите на Охридскиот договор, а не поради некој политички или пак економски предизвик. Таму каде треба да бидеме дипломатски најјаки, ние сме најслаби до парадокси. Амбасадорите ги бираме по партиски критерии, а не по докажаните дипломатски квалитети.Многу порано од комплицирањето на ситуација  околу  испраќањето на

нашиот амбасадор во Вашингтон, сегашниот кандидат(ка) за тоа место имаше нескриени амбиции, кои во меѓувреме не испариа и секако  поддршка на својата партија во чии одаи американското знаме е на истакнато место.

Апсурдно е што кај нас се продолжува нашиот патент незаштитен додуша, дека поранешните министри за надворешни работи од различни причини да одат потоа за билатерални амбасадори или Шефови на Мисии. Апсурдно е поради  што  останатите држави тоа не го прават. Барем по нешто влеговме во историјата на дипломатијата.

Надвор нашиве дипломати се  целосно непознати и непрепознатливи. Нашиве дипломати не ја почитуваат Виенската Конвенција за дипломатски односи. Примери колку сакате, почнувајќи од тоа што нашиот министер Османи подеднако се грижи Шпанија да го признае Косово или пак НАТО (читајте САД) да испрати воено засилување на Косово, поради опасноста   војната од Украина да не  се прелие и на Западниот Балкан, па до последните активности на социјалните мрежи на сопругата на еден наш амбасадор во Централна Европа.

Апсурдно е да нашата дипломатија не користи координирани и платени услуги од нашите соодветни институти, па на преговори одиме нецелосно подготвени. Нашиве политичари редовно одат во Минхен на познатата конференција. Како не им падна напамет да го посетат Институтот за Југоисточна Европа, или пак нашиот ткн. Генерален конзул во Минхен еднаш за време на мандатот не зирне во Институтот.

Аpсурдно е нашетo непрепознавање на дипломатските активности во меѓународните организации, односно одабир на соодветни кадрови. Ако нема во МНР има во Институтите. Не е толку значајно кој ќе биде Шеф на Мисија на РМ во Њујорк или Брисел (ЕУ) туку квалитетниот дипломатски персонал и бројот на опитни дипломати во мултилатералата. Изразено во домино играта имаме најчесто  дупло голо. Не ја препознаваме нашата витална дејност  во мултилатералата. Стартувавме со погрешен концепт, како инерција од поранешната ни држава. Се сеќавате веднаш по приемот во ОН, проектиравме идеја да предложиме Резолуција за паралерна споредба во светски размери како државите ги почитуваат човекови прави, посебно положбата на   малцинствата. Се разбира дека тоа не помина. Денес, таа идеја по малку ми личи на најновиот non paper на нашето МНР за “Запознавање на руското општество со вистинските случувања”. Станува збор за  “меѓународна акција за запознавање   на руското општество со вистинските случувања во Украина и пренесување на пораката дека народот не е виновен за конфликтите предизвикани од нивните ирационални лидери”.Иницијативата била во функција на идното  претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ. Од ова поголем апсурд нема. Од каде ни се нам информации за “вистинските случувања” во Украина? Нашите кадровски капацитети во Киев и Москва  не се во состојба да испорачат компетентни сопствени видувања, ниту пак да направат анализа врз основа на локалните оценки или оценкте  на дипломатскиот кор. Тогаш не е тешко да се погоди кој им ги доставува “вистинските случувања”. Со други зборови нашиот non paper беше непотребен, посебно што во него се нагласува дека е инспириран од фактот дека руската влада ( дали само таа) е во полн пропаганден замав, па небаре нашиот неформален лист на хартија треба да направи некаков баланс.

 

Министерот Османи е во дипломатска иницијатива што е добро. После нон пејперот испратил писма до колеги министри на земјите на Западен Балкан  со цел да бидат поканети на состанок во Скопје за дебата за вулнерабилноста ( латински збор  кој има медицинска конотација) на Западен Балкан во однос на сегашната ситуација  во Украина. Покорисно ќе беше состанокот да го иницираше пред два три месеци, бидејќи им било познато дека Русија ќе ја нападне Украина. Но, и сега е корисно да се одржи.

 

Нашата држава завзеде став во врска со оружаното решение иницирано од страна на Русија повикувајќи се на традиционалните елементи како суверинтет, територијален интегритет, почитување на меѓународното право. И со гласањето во ОН за резолуцијата за осуда на војната во Украина, го покажавме своето определување.

И не згрешивме Тоа не е апсурд. Нашиот став е изнуден. Моравме како нова членка на НАТО да имаме прво докажување на припадност кон Алијансата, а на ЕУ (воведување на економски санкции) да покажеме дека ги следиме и се прилагодуваме на одлуките од Брисел. Кога се влегува во Алијанса и тежнее кон ЕУ, мора да се смета и на евентуални ризици предизвикани, посебно сега кога светотот не е повеќе  монополарен. Од тие причини повикување на рускиот амбасадор Баздникин во МНР и врачување на протесна нота  не е многу умен потег. Очигледно се пренабрегнати некои познати поблаги дипломатски форми за негодување. Повикување на амбасадор во МНР би можело  да има и негативни последици и на статусот на нашиот нов амбасадор во Москва, кој штотуку ги распакувал коферите. Сопштението на Руската  Амбасада во Скопје, терминот евидентирање на русофобите во нашава држава може да се сфати погрешно. Секако евиденција не значи и заканување и нешто што не е непознато во  дипломатијата. Секоја држава води евиденции врз основа  која и донесува одлуки.

Но, она што не е разбиливо и апсурдно е изјавата на нашиот претседател на државата дека уште во ноември лани, нашето раководство имало информација од НАТО главната квартира во Брисел дека Русија ќе ја нападне Украина, дека терминот е утнат за неколку дена, ама не и правците на нападот, кој целосно е остварен. Се да је така, а нема потреба да не веруваме дека оваа информација не била без основ, претседателот немал никаква причина да ја обзнани пред јавноста. Ако било така што веднаш не ја организирал средбата на Советот за безбедност, можеби кадровски појачан со целиот или елитнот дел од Амбасадорскиот совет на кој би се разгледала нашата позиција. Оваа изјава на Пендаровски не му донесе никако внатрешен поен, а НАТО може да му забележи дека не се држи до правилата на еден носител на безбедоносниот цертификат на НАТО.

Апсурдно е дека непотребно се истрчуваме во покажување на лојалноста. Прва се истрча габаритната ни министерка воена, потоа и некои  наши поранешни амбасадори, со сеуште неизгаснати амбиции да го продолжат дипломатскиот живот, со  ламентирања по медиумите за залезот на Путин и путиноманија. Такви анализи се секако потребни како интерни размислувања. Се разбира дека никој не го оправдува чекорот на Москва. Се разбира дека секој сочуствува со егзодусот на граѓаните на Украина, се разбира дека и граѓаните на нашата држава  сочуствуваат со  апсурдот на војната и ја осудуваат. Проблемот е и со квалитетот и изворот на информациите кои нашите граѓани ги добиваат за настаните во Украина, а посебна  збрка во тоа внесуваат и медиумите непотребно ставајќи са на една или втора страна. И нивните коментари се врз основа на она што можат да прочитаат на интернет. Додворувачката позиција е видлива ама очигледно и исплатлива.

Потребно е да престанеме со правење на апсурди, со тоа да го избегнеме виртуелното име   на  државата  Апсурдистан.

Честит празник на жените најтрагичните жртви на секоја војна.

Пишува Ѓорѓи Мисајловски 08/03/22

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close