Арачиновец и синовите препродавале грам кокаин до 5.000 денари во Скопје, Куманово, Тетово, Кавадарци и Велес

Приведени се пет лица припадници на криминална група за набавка и дистрибуција на кокаин, во полициска акција вчера на повеќе локации во Скопје и во други градови во државата, информира портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Тој на денешната прес-конференција соопшти дека полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал- Единица за недозволена трговија со дрога во соработка со Одделот за специјални полициски операции и СВР-Скопје, во координација со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција лишиле од слобода тројца од Арачиново и две лица од Неготино.

– Од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за ГОКК поднесена е кривична пријава против Х.А. (49), Ф.А. (22), Ф.А. (24) сите од општина Арачиново, Р.Г. (27) и П.С. (29), двајцата од Неготино, за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” по член 215 ст.3 од Кривичниот законик на РСМ. Од досега спроведената истрага утврдено е дека Ф.А. и Ф. А. (браќа) и нивниот татко Х.А. подолг временски период вршеле набавка и продажба на наркотична дрога кокаин по цена од 3.000 до 5.000 денари за еден грам на лица во повеќе градови низ државата и тоа во Скопје, Куманово, Тетово, Кавадарци и Велес, преку организирана мрежа на препродавачи и посредници – рече Ангеловски.

Криминалната група по извршената набавка во својот дом вршела препакување на кокаинот за понатамошна продажба, а била координирана од Х. А.

– За време на спроведувањето на криминалистичкото истражување, обезбедени се материјални докази и документирани се претходни купопродажби на кокаин. По претходно изготвен план и по Наредба од судија на претходна постапка, на 05.09.2020 преземени се повеќе оперативно тактички мерки и активности и петте лица се лишени од слобода, а извршени се и претреси при што се пронајдени предмети поврзани со истрагата. Лицата лишени од слобода денеска ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка – истакна Ангеловски.

Back to top button
Close