Арафат Муареми бара разрешување и на судијата кој дал наредба за претрес

Директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми откако поднесе претставка за обвинителката Вилма Русковска и побара републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески да го преиспита претресот што беше направен во Финансиската полиција, по наредба на Обвнителството за гонење на организиран криминал и корупција, побарал и разрешување на судијата на претходна постапка од Кривичниот суд, кој издал наредба за претрес на барање на Обвинителството.

-Во архивата на Судскиот совет е заведено барањето за испитување одговорност на судија. На некоја од следните седници на советот по пат на ждребка ќе се формира комисија од три члена која ќе подготви записник дали постапката за судијата ќе продолжи или ќе прекине. Со оглед дека ваквите предмети се доверливи Судскиот совет во моментов не може да изнесува повеќе детали, велат од Судскиот совет за „Фокус“.

По претресот што беше направен во Финансиската полиција пред десетина дена, почнаа препукувањата меѓу Финансиката полиција и Обвинителството за гонење на организиран криминал. Муареми обвини за незаконски претрес и намерно нарушување на угледот на институцијата, додека Русковска неговата претставка ја смета за притисок врз обвинителството.

Повеќе

Back to top button
Close