Аракчи: Иран ќе одговори на иницирањето на процесот за повторно воведување санкции на ОН

Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, денеска изјави дека земјата ќе одговори на „противзаконскиот потег“ на Велика Британија, Франција и Германија (Е3), кои го активираа механизмот за повторно воведување на санкциите на ОН против Техеран поради неговата нуклеарна програма.

Шефовите на дипломатиите на Е3 го известиле Аракчи за одлуката да го почнат тој механизам и изразиле подготвеност наскоро да најдат решение што би спречило натамошни чекори кон воведување санкции.

Аракчи наведе дека оваа одлука на европските земји е „неоправдана, незаконска и нема никаква правна основа“, велејќи дека Иран ќе одговори на овој потег за да ги заштити и обезбеди своите национални права и интереси во согласност со нуклеарниот договор од 2015 година и меѓународното право.

Германија, Франција и Велика Британија го активираа таканаречениот механизам за враќање на санкциите на ОН против Иран поради неговата нуклеарна програма, во писмо доставено денеска до Советот за безбедност на Обединетите Нации.

Агенцијата ДПА информира дека имала пристап до копија од писмото.

Овој потег е закана за Иран со реактивирање на казнените мерки кои беа укинати во изминатата деценија. Дополнително, по завршувањето на процесот, меѓународниот нуклеарен договор со Иран исто така би бил дефинитивно завршен.

Back to top button
Close