Арапски, муслимански и европски држави го поздравија планот на Трамп за Газа
Голем број држави, пред сè арапски и муслимански, го поздравија мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за запирање на војната во Појасот Газа.
Египет, Јордан, Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Турција, Индонезија и Пакистан во заедничко соопштение изразија благодарност за „улогата на американскиот претседател и неговите искрени напори за запирање на војната во Газа“. Тие потврдија подготвеност „позитивно и конструктивно да соработуваат со САД и сите засегнати страни за финализирање и спроведување на договорот“.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта нагласи дека „сега е моментот да се даде вистинска шанса на мирот“. „Ситуацијата во Газа е неподнослива. Борбите мора да запрат, а сите заложници мора веднаш да бидат ослободени“, порача тој.
Францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, го поздрави настојувањето на Трамп „да стави крај на војната во Газа и да обезбеди ослободување на сите заложници“. „Очекувам Израел решително да се ангажира врз оваа основа. Хамас нема друг избор освен веднаш да ги ослободи сите заложници и да го следи планот, нагласи Макрон во објава на Икс
Канцеларијата на италијанската премиерка Џорџа Мелони, исто така, го поздрави предлогот, нагласувајќи дека Италија е подготвена да соработува со САД, европските партнери и регионалните сили. „Овој план може да биде пресвртница – да донесе траен прекин на непријателствата, ослободување на сите заложници и целосен хуманитарен пристап до населението во Газа“, се наведува во соопштението.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека Израелците и Палестинците конечно можат да се надеваат дека војната ќе заврши. – Оваа можност не смее да се пропушти. Хамас мора да ја искористи“, додаде тој.
Британскиот премиер Кир Стармер порача дека Лондон „цврсто го поддржува“ мировниот план, кој ќе стави крај на борбите, ќе ги ослободи заложниците и ќе обезбеди итна хуманитарна помош.
Поранешниот британски премиер Тони Блер, кој треба да има улога во комисијата за транзиција во Газа, го поздрави планот како „храбар и интелигентен“, оценувајќи дека тоа е најдобрата можност за крај на двегодишната војна.
Палестинската власт изрази поддршка за „искрените и решителни напори“ на Трамп, верувајќи во неговата способност да најде пат до мирот.
ОН, преку портпарол во Њујорк, исто така потврдија поддршка за мировниот предлог на Трамп. – Ги поздравуваме сите посреднички напори и ОН се подготвени да дадат поддршка, вклучително и со хуманитарна помош, изјави портпаролот, нагласувајќи дека организацијата е во контакт со сите посредници – од САД до Катар и Египет.
Изјавата на ОН беше дадена пред Трамп и Нетанјаху да ја завршат својата прес-конференција. На истата, Трамп порача дека САД ќе го поддржат Израел доколку Хамас го одбие планот.
Од друга страна, „Исламски џихад“ го осуди планот, нарекувајќи го „рецепт за агресија против Палестинците“. Според движењето, документот претставува „американско-израелско спогодба и продолжение на агресијата врз палестинскиот народ“.