Арапските држави изразија сериозна загриженост по американските напади врз Иран и повикуваат на преговори

Саудиска Арабија соопшти дека „со длабока загриженост ги следи случувањата“ по американските воздушни напади врз нуклеарните постројки во соседен Иран, објави весникот „Ал-Шарк Ал-Авсат“. Саудиското Министерство за надворешни работи повика на „воздржаност“ и повтори дека го осудува нарушувањето на суверенитетот на иранската држава.

„Кралството нагласува потребата да се вложат сите можни напори за воздржаност, намалување на тензиите и избегнување на понатамошна ескалација“, се вели во официјалното соопштение.

Ријад ја повикува меѓународната заедница да ги интензивира своите напори во овој исклучително чувствителен период за да се постигне политичко решение кое би ставило крај кризата и ќе воведе нова ера на безбедност и стабилност во регионот.“

Оман, кој посредува во нуклеарните разговори меѓу Вашингтон и Техеран, изјави дека американските воздушни напади врз Иран се закануваат да ја „прошират војната“ и претставуваат нарушување на меѓународното право, објави „Ал Ахрам“.

Катар изрази жалење поради „влошувањето на ситуацијата со нападите врз иранските нуклеарни постројки“. Во ставот на Министерството за надворешни работи на Катар на Икс се наведува дека земјата со „длабока загриженост“ ги следи случувањата по најновите напади врз „братската Исламска Република Иран“.

Доха ја нагласи итната потреба од запирање на сите воени операции и враќање на дијалогот и дипломатските контакти за решавање на отворените прашања.

Ирак изрази „длабока загриженост“ и предупреди дека нападот на САД врз нуклеарните постројки на соседниот Иран го загрозува мирот и стабилноста на Блискиот Исток.

„Воената ескалација е сериозна закана за мирот и безбедноста на Блискиот Исток и претставува сериозен ризик за регионалната стабилност“, изјави портпаролот на Владата, Басем Алави.

Египет изрази „сериозна загриженост“ и ја осуди ескалацијата, која има сериозни последици за регионалната и меѓународната безбедност и мир, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Каиро ја нагласи потребата од почитување на суверенитетот на државите и соопшти дека политичките решенија и дипломатските преговори, а не воената акција, се единствениот начин да се најде трајно решение за кризата.

Back to top button
Close