Арапските лидери ветија обнова на Појасот Газа без раселување на населението
Учесниците на 34-от самит на Арапската лига денеска во Багдад ветија дека ќе работат на обнова на Појасот Газа кога ќе заврши војната.
На годишниот самит присуствуваа и емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ел Тани, и претседателот на Египет, Абдел Фатах ел-Сиси, а меѓу гостите беа и премиерот на Шпанија, Педро Санчез, и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, кои повикаа на ослободување на израелските заложници во Газа и доставување хуманитарна помош на територијата која е под израелска блокада.
Гутереш рече дека ОН отфрлаат каков било вид на „присилно раселување“ на Палестинците.
Во март, на вонреден самит на Арапската лига во Каиро беше одобрен план за обнова на Газа без раселување на околу два милиони жители.
Израел во последните денови ги засили нападите врз Газа, а премиерот Бенјамин Нетанјаху вети понатамошна ескалација за да ја оствари својата цел – уништување на палестинското движење Хамас.
Премиерот на Ирак, Мохамед Шиа ел-Судани, рече дека „геноцидот во Газа достигна размери какви што не се видени во сите конфликти во историјата“. Во својот говор на самитот, тој повика да се овозможи помош за Газа и рече дека Ирак ќе работи на основање арапски фонд за обнова во кој Багдад ќе вложи 20 милиони долари за Газа и сличен износ за Либан.
Ел-Сиси рече дека Египет, во координација со Катар и САД, „вложува интензивни напори за да се постигне прекин на огнот“ во Газа, наведувајќи го како еден од резултатите ослободувањето на заложникот, израелско-американскиот државјанин Едан Александар.
Тој рече дека Египет планира да организира меѓународна конференција за обнова на Газа „кога ќе престане агресијата“.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас го повика Хамас да се повлече од власта во Газа и заедно со другите милитантни групи да го предаде оружјето на Палестинската управа.
Хамас ја презеде контролата врз Газа од Палестинската управа на Абас, која е поддржана од Западот, во 2007 година, а обидите за помирување меѓу ривалите повеќепати пропаднаа.