Аргентинската полиција уапси член на „Црвените бригади“, баран од Италија

Полицијата во Буенос Аирес го уапси поранешниот член на екстремно левичарската организација „Црвени бригади“, Леонардо Берталуци, објавија странските агенции, повикувајќи се на аргентинската влада.

Тој е баран од италијанскиот правосуден систем за злосторства извршени како дел од организацијата.

Локалните медиуми објавија дека Берталуци бил обвинет за злосторства, вклучително и киднапирање и дека со години бил во Аргентина како бегалец, статус што го изгубил под сегашната ултра-либерална влада на претседателот Хавиер Милеј.

„Берталуци е одговорен за злосторства кои ги поткопуваат демократските вредности и животите на многу жртви“, се вели во соопштението на аргентинската влада.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја поздрави веста за апсењето и истакна дека Берталуци веќе е осуден во Италија на 27 години затвор за дела поврзани со тероризам.

„Црвени бригади“ е екстремно левичарска организација активна во Италија во 70-тите и 80-тите години на 20 век, станувајќи позната по голем број злосторства. Меѓу нив е и киднапирањето и убиството на поранешниот италијански премиер Алдо Моро.

Back to top button
Close