Аргентински активист се обиде да влезе во болничката соба на папата

Аргентински левичарски активист се обиде да влезе во болничката соба на папа Франциск во Рим, јавува италијанската агенција АНСА.

Човекот, идентификуван како Хуан Грабоа, бил запрен од обезбедувањето. Засега нема детали за мотивите зад неговиот обид.

Грабоа работи како советник во ватиканска агенција и има одржано неколку средби со папата, последен пат во септември минатата година на собир на членови на социјални движења.

Во Аргентина, 41-годишниот активист е познат како синдикален лидер и левичарски политичар.

Папата Франциск, кој има 88 години, веќе десет дена се наоѓа во болница поради респираторна инфекција која преминала во двострана пневмонија.

Понтифот е хоспитализиран во строго обезбедено одделение на 10-тиот кат во римската болница „Џемели“, каде што пристап имаат само неговите најблиски соработници.

Back to top button
Close