Археолошки сознанија: Трескавец култно место со голема античка населба

Трескавец се утврдува како култно место со милениумски континуитет, но и со илјадагодишни темели на градби за живеење, производство и одбрана. Постепено се дефинираат фактите за античката населба Колобаиса, констатираат археолозите од прилепскиот Институт за старословенска култура кои ги завршија последните истражувачки, конзерваторски и реконструктивни зафати.

Според археологот Бранко Ристески и директор на Институтот за старословенска култура сега, во последната етапа од повеќегодишните истражувања на античката населба Колобаиса, се работеше на утврдување на влезниот дел на населбата, пред манастирот Трескавец, што ги донесе новите сознанија за градбите.

-Археолошките истражувања беа концентрирани на локалитетот, или секторот Градина. Диктирано од финансирањето, сѐ уште сме во првата фаза на овој проект, односно во откривање на археолошките остатоци.  Примарна цел беше да се дефинираат и да се дооткријат остатоците од круцијалниот дел од населбата, влезната партија од античката Колобаиса и да се добијат попрецизни хронолошки и културно-цивилизациски податоци за  етапите на егзистенцијата на овааа населба. Ги потврдивме двете етапи на постоењето на населбата, истакна  археологот Ристески.

Појасни дека првата се поврзува со доцниот први до среднината на четвртиот век, а втората етапа од последните децении на четвртиот до првите децении на седмиот век. За првата етапа се карактеристични масивните ѕидови со широчина од 1,80 до два метра, при што централно место во населбата заземаат храмовите на Аполон и Артемида.

-Досега, во целата должина сме ги констатирале остатоците од оградните ѕидови, остатоците од влезот во широчина од 2,5 метри праг, како и делови од јавни објекти на просторот од денешниот манастир. Откривме остатоци од прагот, довратниците, канал и градба до јужната страна од влезот која, според сите досегашни параметри, зборува за репрезентативна градба, поврзана со сегментот на влезот во населбата. Според сите параметри е уникатна. Не само што е позиционирана на надморска височина од 1250 до 1400 метри надморска височина, туку и со фактот дека станува збор за пространа населба, според сите римски стандарди, рече Ристески.

Втората етапа од населбата, од последните децении на четвртиот до првите децении на 7 век, додаде тој, е резултат на едно темелно уривање, веројатно поради воени напади.

-Имаме констатирано интензивни слоеви на горење, особено на просторот околу влезот на античката населба. Како резултат на ова ново реорганизирање на просторот, античката населба добива нови населбински, но и фортификациски, односно военоодбранбени позиции. Во оваа фаза се конституирани три кули. Двете се во близина на влезот, а третата, како резултат на проширувањето на населбата, е на археолошката форма, именувана како „лав“ што е до манастирот Трескавец. Она што е суштинско и го менува карактерот на градбите, на просторот на денешниот Манастир, се оформува Форум, класичен, рановизантиски, во кој централно место зазема ранохристиојанската базилика, објаснува Ристески.

Во зачетоците од рановизантискиот Форум е изграден Манастирот, а во средината на 12 век е изградена црквата „Успението на Пресвета Богородица“. Ристески е убеден дека новите сознанија потврдуваат дека станува збор за голема населба и сето внесува нова светлина за целиот поширок комплекс Маркови Кули со големо значење на Балканот.

-Претходно, со првите сознанија, воопшто не се размилуваше дека на овааа позиција постои населба од ваков обем и со вакви расчленети, сериозни содржини. Ова внесува нова светлина на две нивоа. Прво, во контекст на Марковите Кули, бидејќи имаме, истовремено, егзистенција на три населби: Колобаиса, претпоставената населба на Марковите Кули и Баба. Различни се по својата функција, истовремено функционираат и имаат комуникација. Значи, имаме исклучителен простор кој, за жал, сѐ уште не е соодветно валоризиран. Инаку, имаме 7 споменици на културата на еден, релативно, мал простор. Тоа е почетна индиција за значењето на овој простор во поширок, балкански контекст, вели Ристески.

Дејан Кебакоски, асистент-истражувач од Инситутот, потврдува дека во црквата и во манастирскиот двор има потврда дека постоеле два храма, а не еден, од хелинистичкиот период. Едниот посветен на Аполон, другиот на Артемида. Сѐ уште се трага по нивната локалција.

-Од епиграфските натписи, вградни како сполии во манастирската црква и распоредени во дворот на Манастирот, дознаваме за постоење на два храма: едниот посветен на Аполон, другиот на Артемида. Тие се од редот на 12-те олимписки божества. Локацијата на тие два храма сѐ уште не ни е позната.  За едниот имаме сериозни индиции, а за другиот се претпоставува дека е едно од платоата, изјави Кебакоски.

Единствениот жител на манастирот, отец Калист, кој чека да се изгради водоводот за новоизградените конаци комплетно да добијат официјален, технички прием. Отец Калист потврдува дека не се намалува интересот за посета на светски познатиот манастир, а археолошките истражувања ја дополнуваат приказната за посетителите за континуитетот на ова култно место.

-Археологијата, секако, дека има исклучително значење за нас. Освен што треба да ја раскаже приказната за предхристијанскиот период и за оној континуитет што е тука, на Трескавец, речиси 3000 години за едно исклучително култно место, за нас е значајно и од безбедносни причини, бидејќи возобновувањето и реконструкцијата на крепоста околу Колобаиса за нас би значело целосна заштита од шумските пожари кои се многу чести во овој предел. Археологијата овозможува Трескавец да се стави во една туристичка вредност, да се возобнови во иднина целата влезна партија во античкиот град и посетителите, влегувајќи кон Манастирот да имаат една прошетка низ времето, така што влегуваат во еден антички град, а од него влегуваат во христијанството и во манастирот Трескавец, изјавува отец Калист, единствениот жител на манастирот Трескавец.

Археолошките истражувања на Трескавец почнаа во  2014 година.

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close