АРХИВАРКА НА ПЛАЖА

Следниот пат кога ќе сакате да барате правда, кога ќе сакате нешто да се пожалите, да пријавите на инспекција, распрашајте се дали архиварката што треба да го прими вашето барање е на одмор. Или на боледување. Или, на пауза. Или, едноставно, излегла „набрзинка да купи нешто, одма ќе се врати“.

Контролорите на летање побарале од Трудовата инспекција вонреден инспекциски надзор, дали согласно законот бил спроведен последниот оглас во државното претпријатие Македонска навигација (М-Нав), за кој се сомневаат дека бил наместен за партиски кадри. На работа се примени потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, сопругот на директорката на Централниот регистар и сопругата на починат осуден за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.

Барањето, поднесено на 18 јули во Трудовиот инспекторат во Скопје, стасало до подрачната единица во Кавадарци. Арно ама, архиварката во Кавадарци била на одмор и ниеден инспектор од Кавадарци не може да го земе случајот, затоа што архиварката уште не го распределила.

Баш ме интересира што ли работат инспекторите, не само во Кавадарци, туку секаде, додека архиварките се на плажа? Си седат во канцеларија без работа, оти немаат предмети? Башка, зошто џабе би работеле кога и да направат извештај, нема кој да го завери.

Трудовиот инспекторат во Кавадарци е надлежен за инспекција на вработувањата во Контролата на летање затоа што над Кавадарци поминува коридорот за прелети. Над Тиквешијата има многу авиони. Па архиварката мора да биде во тек. Одвреме-навреме излегува на прозорец и гледа нагоре.

Многу ме интересира и како случајот од М-Нав од Скопје стасал во Кавадарци. Кој ли брилијантен ум го смислил ова, да водиш сметка која архиварка е на одмор? Само тоа ме интересира, оти веќе одамна не прашувам: Како не им е срам?

Премиерот Христијан Мицкоски од партиска трибина во Штип им рече на опозициските партии СДСМ и ДУИ одговорите за, како што рече, „страшниот и ужасен случај во Кочани“ да си ги бараат директно од јавниот обвинител Љупчо Коцевски, оти тој бил нивен.

„Паѓаат во вода сите оние тиради од прес-конференции за оној страшен, ужасен случај во Кочани, оние лажни повици, буцкањата каде лажно велеа дека бараме правда“, изјави Мицкоски, откако Собранието му изгласа интерпелација на Коцевски поднесена од пратениците на Левица, а изгласана и со гласовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Што? Само СДСМ и ДУИ ли бараат правда? Патем, за ДУИ не се ни сеќавам дека имале некоја изјава за Кочани. А родителите на загинатите 62 деца и над 200 повредени во „страшниот ужасен случај“ не бараат ли правда? Или и тие ли лажно бараат правда? А јавноста не бара ли  правда? Или сите се „некрофили, глодари, мршојадци“ и што ли уште не излезе погано од устата на Мицкоски за сите што бараат правда за Кочани. И не само правда. Туку и менување на практиките на владеење со кои ние секојдневно живееме во услови на некое ново Кочани во најава.

Како и да е, премиерот веќе најави како ќе се одвива судењето за кочанската трагедија. Ќе пропадне оти ете, не чинел обвинителот. Бил на СДСМ. Ќе чекаме ВМРО-ДПМНЕ да избере нивен обвинител.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close