„Арс Ламина“ ја одбележува стогодишнината од смртта на Цепенков со нови изданија

По повод стогодишнината од смртта на Марко Цепенков, најистакнатиот собирач на народни умотворби и еден од првите прозаисти и раскажувачи во македонската книжевна историја, „Арс Ламина“ објави неколку нови изданија поврзани со творештвото на Цепенков.

Како што информираат од издавачката куќа, деновиве од печат излезе новото издание на автобиографијата на Марко Цепенков, првпат адаптирана на современ македонски јазик.

– Својата „Автобиографија“ Цепенков ја пишува во 1896 година за да одговори на прашањето како станал собирач на народни умотворби. Ова осовременето издание има цел текстот да го приближи до најмладата публика и да им даде шанса да се запознаат со делата на Марко Цепенков уште во училишните клупи. Марко Цепенков речиси целиот свој живот го посветил на собирање народни приказни, песни и други фолклорни форми и неговата важност за македонската книжевност е непроценлива. Неговото богато творештво – објавени и необјавени дела – го сочинуваат повеќе од 5500 поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, верувања и клетви, баења, соништа и нивни толкувања, детски игри, речници, описи на занаети и друго, стои во соопштението од „Арс Ламина“.

Од издавачката куќа потенцираат дека во ова издание на „Автобиографијата“ на Цепенков направени биле неколку адаптации од оригиналниот текст: неговиот прилепски говор е осовременет, според правилата на стандардниот литературен јазик, а текстот е поделен на поглавја за да се олесни процесот на читање. Изданието содржи и поговор од проф. д-р Наташа Аврамовска од Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

Back to top button
Close