„Арсовска да пријави и соработува“ – ОЈО вели подготвено е веднаш да ја сослуша за сите сомненија, сознанија и закани
Основното јавно обвинителство Скопје постапува по доставено известување од СВР Скопје и издаде повеќе наредби по кои веќе се преземаат дејствија.
„Доколку градоначалничката како службено лице има сознанија за кривично дело, таа има обврска тоа да го пријави, да соработува со јавното обвинителство и да посочи кај кои конкретни парцели или згради се откриени сомненија за незаконитости. Тоа е неопходно за да може да постапува обвинителството и да спречи евентуално компромитирање на доказниот материјал“, велат од ОЈО.
Во однос на заканите, од ОЈО велат дека Министерството за внатрешни работи е орган директно надлежен за заштита на животот на граѓаните, како и за откривање и спречување на тие што го загрозуваат.
„Основното јавно обвинителство Скопје е на располагање преку дежурен јавен обвинител, веднаш без одлагање, доколку сака градоначалничката, да ја сослуша за сите сомненија, сознанија и закани и да ги провери сите околности“, велат од таму.