Арсовска до Мицкоски: Град Скопје нема надлежност да постапува по дивоградби
Жалам што првиот човек на Владата сѐ уште не ги знае законите и нема основни познавања на тоа како функционира локалната самоуправа, за да го повикува Градот Скопје да постапува по дивоградби, соопшти градоначалничката Данела Арсовска откако премиерот Христијан Мицкоски ја повика да постапи за дивоградбата во Чаир.
„Мицкоски, надлежност за постапување против дивоградби има општинскиот градежен инспектор. Таков инспектор има Општина Чаир и сите други скопски општини како посебни единици на локалната самоуправа во рамки на Град Скопје. Градот Скопје е единствена единица на локална самоуправа која нема градежен инспектор по ЗАКОН.
Освен општинскиот градежен инспекторат на Чаир, надлежност има и Државниот градежен инспекторат кој е под директна надлежност на Министерството за транспорт и врски.
Кога станува збор за гонење на криминалци кои се фатени во спроведување на кривично дело, во случајов узурпација на државно земјиште, бесправна градба и нарушување на општа безбедност, одговорноста е кај Министерството за внатрешни работи.
Благодарам на можноста господине Мицкоски да делувам едукативно на вас во овој случај и апелирам, сега откако ги знаете одговорностите и надлежностите да постапите веднаш!“, напиша Арсовска на Фејсбук.