Арсовска го распиша огласот за приватните превозници, но останува на ставот дека нема долг кон нив

Како што беше најавено, Град Скопје денеска распиша оглас за вршење јавен лински автобуски превоз на кој ќе можат да се пријават приватните превозници, истите оние што пред четири месеци престанаа да сообраќаат и протестираа поради неисплатен долг од 1,5 милиони евра од страна на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ кое е под надлежност на Градот.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска/Фото: „360 степени“

Откако градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, ги раскина договорите со двете здруженија „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ под чија капа возеа приватните превозници, сега со новиот оглас повторно ќе ги враќа овие превозници откако минатата недела постигна договор со нив.

Сепак, на новиот оглас нема да можат да се пријават здруженијата „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, туку на него приватниците ќе можат да аплицираат како индивидуални превозници или, пак, здружени во нови правни субјекти.

„Право на учество на јавниот оглас за доделување на пакетите линии и за давање дозволи за вршење линиски превоз на патници во градот Скопје од доделениот пакет имаат превозници – правни лица и трговци поединци, поединечно или организирани како група, кои ќе ги исполнат условите утврдени во документацијата за јавниот оглас и ќе достават банкарска гаранција или ќе го уплатат гарантниот депозит за учество на јавниот оглас“,се наведува во јавниот повик.

Во врска со објавениот оглас денеска преку писмено соопштение се огласија и од Град Скопје, во кое се потенцира дека на него не можат да учествуваат „Слобода превоз“ и Макекспрес“ и дека Градот нема долг кон превозниците.

„Град Скопје нема долг кон превозниците, договорните одредби предвидуваат единствено услови за вршење превоз на територија на градот. Што се однесува до тековните обврски од ЈСП ‘Скопје’ кон приватните превозници, истите ќе бидат исплатени согласно потпишаните договори, додека трае јавниот повик за нови договори за јавен превоз. Градот Скопје конечно воведува ред во јавниот превоз на патници, согласно сите стандарди, при што новото координативно тело на превозниците покажа желба за соработка и приспособување согласно стандардите со цел граѓаните да добијат квалитетен јавен превоз. За оваа година, со цел подобрување на услугите на јавниот превоз, планирано е и дополнително зголемување на капацитетите на ЈСП со нови еко автобуси“,се наведува во соопштението.

Се бараат над 100 автобуси за 16 линии

Инаку, како што може да се види од огласот објавен на официјалната интернет-страница на Град Скопје, станува збор за истите линии што до почетокот на ноември ги опслужуваа приватните превозници пред да избувне кавгата со Арсовска поради ненаплатениот долг.

Линиите се вкупно 16 и сообраќаат на релациите со број 23, 45, 61, 63, 73, 9, 11, 11А, 12, 47А, 55, 19, 20, 22, 52 и 54.

Огласот е поделен во три пакети линии, а минималниот број автобуси што треба да го обезбедат превозници изнесува вкупно 89 возила за сите линии, плус дополнителни 26 автобуси во резерва. Најголем број автобуси, според огласот, се бараат за линиите 23, 9, 45, 19. За овие линии приватните превозници ќе треба да обезбедат минимум по 12, односно 10 автобуси.

Линијата број 23 е една од линиите која приватните превозници ја опслужуваа со најголем број автобуси/Фото: МИА

Доделувањето на линиите ќе се врши по пат на евалуација врз основа на утврдени критериуми. Огласот, како што е наведено, ќе трае до 21 март, а отворањето на пријавите е предвидено за 27 март.

„Пакетите на линии од овој оглас се доделуваат за период до две години, со можност за продолжување, но не повеќе од вкупно пет години. Постапката за доделување на пакетите на линии и за давање дозволи за вршење линиски превоз на патници во градот Скопје ќе ја спроведе Комисија формирана од градоначалникот на Град Скопје“,се наведува во огласот.

По завршувањето на постапката, решение за секоја линија од доделениот пакет ќе донесе градоначалничката Данела Арсовска.

„Град Скопје и избраниот подносител на пријава склучуваат договор, кој е составен дел од документацијата за јавниот оглас“,се наведува во јавниот повик.

Банкарска гаранција и критериуми

Право на учество на јавниот оглас за доделување на пакетите линии и за давање дозволи за вршење линиски превоз на патници во градот Скопје од доделениот пакет имаат превозници – правни лица и трговци поединци, поединечно или организирани како група, кои ќе ги исполнат условите утврдени во документацијата за јавниот оглас и ќе достават банкарска гаранција или ќе го уплатат гарантниот депозит за учество на јавниот оглас.

За учество на јавниот повик, секој подносител треба да обезбеди банкарска гаранција или депонирани средства во висина од 20 000 денари по возило.

Критериумите за најповолна понуда генерално ќе се вреднуваат според четири критериуми:

  • Возен парк
  • Човечки ресурси
  • Техничка логистика
  • Искуство во вршење на општински линиски превоз на патници

Најавата дека ќе биде распишан нов јавен повик и дека е постигнат договор со приватните превозници стигна од кабинетот на Арсовска на 1 март.

Новиот оглас следува по двата пропаднати повици на кои приватниците не се јавија бидејќи протестираа и бараа исплата на долгови од Градот Скопје. Со „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ беа раскинати и договорите и сега приватните превозници нема да може да аплицираат преку овие две компании.

Во врска со долгот за кој протестираат превозниците од кабинетот на Арсовска останаа на ставот дека Градот нема никаков долг кон овие превозници од претходно, а тековните обврски од последниот договор ќе ги исплати како што е договорено, односно додека трае повикот за нови договори за јавен превоз.

 

„Со задоволство може да констатираме дека градот Скопје конечно воведува ред во јавниот превоз на патници, согласно сите стандарди, при што новото координативно тело на превозниците покажа желба за соработка и приспособување согласно стандардите, со цел граѓаните да добијат квалитетен јавен превоз“,

беше наведено во соопштението од Град Скопје од 1 март.

Претходно истиот ден членот на приватните превозници Јовица Зафировски за МИА соопшти дека постигнале договор со Град Скопје и дека од 20 март очекуваат да се вратат во дневен сообраќај во главниот град.

„На тој јавен повик ќе се пријавиме сите, нема причина да не се пријавиме, условите ни одговараат. Очекуваме дека до 20 овој месец ќе почнеме со работа“ ,рече Зафировски појаснувајќи дека ќе има три јавни повици, односно три пакети и ќе бидат опфатени сите линии, меѓутоа, со нова прераспределба.

Приватните превозници во ноември 2022 година престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје. Кон крајот на ноември и почетокот на декември со повеќе од 300 автобуси паркирани на клучните крстосници го блокираа главниот град.

Во меѓувреме, градските власти ги отфрлаа наводите дека им должат пари, но инспекцискиот надзор покажа дека Град Скопје не во право.

Градоначалничката Арсовска ги обвини приватните превозници дека пет години наплаќале, а не пријавиле ниту еден продаден билет. Како што посочи таа, двата приватни јавни градски превозници „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ во изминатите пет години, односно од 2017 до денес, немаат пријавено ниту еден продаден билет во автобусите кои возат за двете здруженија, а истовремено од Јавното сообраќајно претпријатие ги наплаќале фактурите за извозените километри за сума од едно евро по километар.

 

 

 

Back to top button
Close