Арсовска и ЗЕЛС упатија ултиматум до Владата – состанок за седум дена или „сериозни чекори“

Градоначалничката на Скопје и претседателка на ЗЕЛС, Данела Арсовска, денеска присуствуваше на петтата седница на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, на која се разговараше за проблемите со кои се соочија македонските општини поради актуелната енергетска криза.

На средбата ЗЕЛС донесе заклучок да ѝ даде на Владата рок од седум дена да даде одговор за состанок за изнаоѓање решенија на нивните барања врзани за горливите проблеми, а доколку нема одговор, најавија дека ќе следат „сериозни чекори“.

ЗЕЛС уште во февруари побара итен состанок со Владата, со премиерот Димитар Ковачевски и со претставници на ресорите кои се директно поврзани со справувањето со последиците од енергетската криза за да се најде решение за проблемите на граѓаните на локално ниво. Градоначалниците веќе подолг период укажуваат на повеќекратно зголемување на сметките за електрична енергија, а во некои општини и за повеќе од 500 проценти во однос на тие пред почетокот на кризата.

Претставниците на ЗЕЛС бараат „навремена реакција од Владата за надминување на оваа состојба“, особено со пренесените надлежности за кои Владата треба да ги исполнува своите обврски, а доколку тоа не се случи час поскоро, ќе се доведе во прашање функционирањето на локално ниво.

На денешната седница градоначалниците, меѓу другото, дискутираа и за проблемите што ги имаат најголем дел од општините со Агенцијата за катастар на недвижнини, поради што има огромни проблеми во прибирањето на ажурирани податоци за наплата на данокот.

Back to top button
Close