Арсовска му поднесе кривична на Ганиу  – едни чаирчани биле одбиени да легализираат балкони, а со нивното бројче други чаирчани легализирале висококатници што ги граделе како малолетници

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција денеска достави кривична пријава против градоначалникот на Чаир Висар Ганиу и уште неколкумина вработени во општината во која наведува дека во општината наводно се користи фалсификувана деловодна книга во која се воделе барањата за легализации на дивоградби.

Според кривичната пријава, граѓаните кои навремено поднесувале барања да легализираат балкони или делови од куќи што им биле наследство биле одбивани од општината во законскиот рок, за потоа со искористување на нивното бројче од одбиеното барање во наводно фалсификуваната деловодна книга да се легализираат дивоградби и висококатници на други луѓе што граделе објекти 10 години по носењето на Законот за легализација на дивоградби а во времето на поднесувањето биле малолетници. Во кривичната пријава пишува дека граѓаните чии балкони и делови од куќи биле одбивани за легализација, носеле геодетски елаборати во обид да ги легализираат.

Во кривичната пријава во која имавме увид, има 15 вакви примери, но Арсовска бара од ОЈО ГОКК да обезбеди еден крунски доказ за нејзините тврдења кој не би можело да биде фалсификуван и кој треба да се користи како референтна точка – регистарот за поднесени барања за утврдување правен статус на бесправни објекти што го води Министерството за транспорт. Како што изјави Арсовска за „Слободен печат“, кога ќе се спореди регистарот што го води општина Чаир со оној од Министерството за транспорт ќе се докаже дека книгата во општина Чаир е фалсификувана, во неа се менувани податоци и се додавани дополнителни деловодни броеви.

-Со увид во истата, како и со споредување на податоците од Регистарот на барања за постапување со бесправни изградени објекти во Министерството за транспорт, недвосмислено ќе се докаже дека лицата фалсификувале дополнително голем број на барања со кои овозможиле противзаконски легализации на објекти надвор од сите законски рокови и со прекршување на сите законски услови и процедури. Апелирам ОЈО ГОКК итно да ја обезбеди архивската книга од општина Чаир како и Регистарот од Министерството за транспорт која ги содржи податоците со кои недвосмислено се докажува дека архивската книга од општина Чаир не соодветствува со регистарот на Министерството за транспорт и врски бидејќи е фалсификувана, изјавила за „Слободен печат“ Арсовска.

Таа вели дека дополнителни докази во форма на оштетени страни и сведоци, многу лесно ќе се прибават имајќи предвид колку граѓани се оштетени во текот на овие кривични дела, односно нивните барања поднесени во законскиот рок биле одбиени за потоа истите броеви на барања да бидат злоупотребени од други лица.

Градоначалничката вели дека ова било овозможено од градоначалникот на Чаир Висар Ганиу и од други вработени во општината за да се овозможат легализации на објекти со фалсификат документи градени по цела деценија од носење на законот за легализација.

Градоначалникот на Чаир Висар Ганиу не одговорил на повиците и на пораките на „Слободен печат“.

Back to top button
Close