Арсовска: Одговорноста за узурпацијата на земјиштето нема да биде на градоначалникот Костовски, туку на узурпаторите. Булеварот ке се гради

Проектот за изградба на булеварот „Боца Иванова“ во општина Бутел е еден од клучните проекти на програмата „За модерно Скопје“, програма за која гласаа 120.000 граѓани жители на градот Скопје. Огромен број од овие граѓани се жители токму на општина Бутел, кои самите го истакнаа овој проект како клучен за нив. Оттука, морам со индигнација да ги отфрлам лагите кои последниве неколку дена ги изнесе градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на денешната прес-конференција.

– Се работи за капитален проект за изградба на целосно ново булеварско решение, кое вклучува изградба на нова водоводна и атмосферска мрежа, како и ново улично осветлување. На булеварот се проектирани и велосипедска патека, пешачка патека и соодветно партерно уредување по целата негова должина. Согласно Генералниот урбанистички план градот Скопје, овој булевар е предвиден за изградба уште во 2002 година, а подоцна и потврден во 2012 година кога градоначалник бил Коце Трајановски, инаку градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Значи овој булевар е предвиден и ветуван нешто повеќе од 20 години, рече Арсовска.

Таа појасни дека булеварот се простира на државно земјиште, но сепак, во еден дел од трасата каде што треба да се изгради, постојат десетина семејства, кои според Арсовска, ги прошириле своите дворови на тоа државното земјиште, на кое е предвидена изградбата на овој булевар.

-Со тоа и го узурпирале земјиштето, што според член 225 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија е казниво дело. Градот Скопје нема намера да врши кривичен прогон на граѓани, но сакам да апелирам до граѓаните во овој дел на општина Бутел да не потпаѓаат под политичките игри и манипулации на политиканти кои се обидуваат да ги инструментализираат во својата нечесна политика. На крајот, одговорноста за узурпацијата на земјиштето нема да биде на градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, туку на оние кои го узурпирале земјиштето, вели Арсовска.

Што се однесува на обвинувањата на Костовски, таа посочи дека ДУП-от на општина Бутел со кој се предвидува изградба на седум згради кои излегуваат на булеварот „Боца Иванова“ го направил тогашниот градоначалник Петре Латиновски, а го изгласале во 2015 токму советниците во Советот на општина Бутел од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Овој ДУП за изградба на седум згради кој го изгласале токму од ВМРО-ДПМНЕ е се уште на сила и во ниту еден момент во оваа измината година Костовски не реагирал да ги поништи овие седум објекти ниту на вцртувањето на нови згради во Бутел.

Според градоначалничката, ова значи дека, ВМРО-ДПМНЕ не само што дозволиле да се впишат за изградба седум згради на овој булевар, туку тие и го донеле планот за изградба на овие згради.

– Кога сме кај политиканството и ноторните лаги на Костовски и ВМРО-ДПМНЕ, апелирам да одговорат, дали е точно дека токму тие ги промовираа проектите од програмата „За модерно Скопје“ и се фотографираа со граѓаните на кои им ветуваа дека програмата во целост ќе биде реализирана. Како градоначалник на градот Скопје го држам за збор градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, кој пред неколку дена изјави дека ќе го поништи актуелниот ДУП со кој се предвидува изградба на седум згради, кажа Арсовска.

Доколку навистина се залага против урбаната мафија како што кажал, посочи таа, ќе го реализира тоа што го ветил и просторот ќе го пренамени за изградба на нов, модерен парк со содржини за спорт и рекреација.

– Дополнително, апелирам градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски да го ревидира Деталниот урбанистички план со наслов ССИ-Блок 7 со кој се предвидува изградба на четири згради, од кои две се осумкатници со висина од 27 метри и тоа на простор кој сега е зелен појас. Очекувам дека и овој ДУП, Костовски како совесен градоначалник кој се грижи за здравјето на своите сограѓани, промовира хумано живеење и неселективна борба против урбаната мафија ќе го поништи, истакна Арсовска.

Back to top button
Close