Арсовска предлага една своја плата и по еден советнички паушал да се донираат за Леонид Индов
Арсовска, како што информираат од одделението за односи со јавноста во Град Скопје, денеска поднела иницијатива до Советот на Град Скопје за одржување итна седница со единствена точка на дневен ред – да му се помогне на младиот Леонид Индов
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, предлага една нејзина плата, како и по еден месечен паушал од советниците да бидат донирани во иницијатива за помош на Леонид Индов.
Арсовска, како што информираат од одделението за односи со јавноста во Град Скопје, денеска поднела иницијатива до Советот на Град Скопје за одржување итна седница со единствена точка на дневен ред – да му се помогне на младиот Леонид Индов.
„Скопје е град на солидарноста, Скопје е град на хуманоста, скопјани знаат што значи помошта кога ти е најпотребна, време е уште еднаш да ја покажеме својата хуманост. Кога се работи за еден млад живот, чекањето не е опција, од таа причина градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денес до Советот на Град Скопје испрати иницијатива за итна седница со единствена точка на дневен ред – да му помогнеме на младиот Леонид Индов“,се вели во соопштението од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека Арсовска до советниците предложила да донесат одлука со која ќе донираат еден месечен паушал, а градоначалникот на Град Скопје една месечна плата во акцијата организирана од градот Скопје за што побргу да се соберат потребните средства за Леонид.
Од денес пак, градот Скопје како што беше најавено вчера, започнува со хуманитарната акција во сите јавни претпријатија, институции и училишта под надлежност на градот, а во акцијата можат да се вклучат и сите граѓани на Скопје.
За случајот со Леонид Индов веќе три дена не стивнуваат реакциите во јавноста откако Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија го одби барањето за лекување на момчето во странство на трошок на Фондот.
Откако ФЗО одлучи дека не може да го плати лекувањето на Леонид Индов во Виена, средства се собираат преку донации
На социјалните мрежи се споделува повик до граѓаните да донираат средства за младиот Индов да може да го продолжи лекувањето во Виена.
Денеска заменик-министерката за здравство Маја Манолева рече дека родителите немаат побарано никакво мислење од соодветна институци за можноста или неможноста за завршување на лекувањето, односно рехабилитација на тоа дете во нашите установи.
Заминувањето на Леонид во Виена беше по лично барање на родителите, вели Манолева
Манолева вели дека заминувањето на момчето било по индивидуално барање на родителот упатено до Центарот со управување со кризи, кое таа информација ја споделило со Министерството за внатрешни работи, а МВР заради потпишаниот меморандум за соработка со Министерството за здравство им овозможило на родителите транспорт на тежок пациент од Скопје до Виена.