Арсовска тајно го подмирила долгот кон приватните превозници? Oд ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека проблемот не е решен

Треба да се знае дека ние бевме првата советничка група што го отвори прашањето за тоа дека на Скопје му се случува сообраќаен колапс и побаравме одговор од градоначалничката зошто ги прекинува договорите со тогашните приватни превозници без воопшто да има обезбедена алтернатива. Тогаш бевме обвинети дека штитиме приватни интереси наспроти интересите на Градот, а денеска дознавае дека таа тајно ги исплатила сметките или долговите што Градот и ЈСП ги имале кон овие приватни превозници, но нов договор не потпишува и градот го држи во еден клинч – изјави советникот од советничката група од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски денеска во врска со прашањето околу приватните превозници.

Тој рече дека ЈСП се обидува да покрие она што покривале и повеќе од стотина автобуси и оти градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска рекла дека градот нема да биде блокиран, но, нагласи дека граѓаните не можат да стигнат на своите работни места, со саати се чека на автобуските постојки, а автобусите се преполни.

– Ми се чини се додека е оваа администрација во Градот Скопје тешко дека ќе се наоѓа решение со приватните превозници – рече Андооновски.

Во однос на прашањето за блокираната сметка на Град Скопје и за обвинувањата од градоначалничката Арсовска дека тие се виновни за тоа, тој истакна дека неговата советничка група не гласала за последните програми на Град Скопје и на Јавните претпријатија. Обвини дека немало доволно транспарентност од страна на Градот како се потрошиле средствата до овој момент.

– Многу е лицемерно до последната седница на Советот Град Скопје како СДСМ да ги гласате сите програми на градоначалничката коишто вклучуваат и финансиски планови, планови за трошење на средства и планови за проектирање без да побарате отчетност и транспарентност од Градот како се потрошиле парите до тогаш – рече Андоновски, кој додаде дека СДСМ, ДУИ и Левица ги гласале овие програми.

Координаторката на советничката група на СДСМ Љубица Јанчева денеска информираше дека нејзината советничка група поднела иницијатива за вонредна седница на Советот на Град Скопје, повикувајќи ги советниците на ВМРО-ДПМНЕ како мнозинство во Советот преку претседателот кој доаѓа од нивните редови Трајко Славевски, да закаже седница што побрзо затоа што, како што кажа, опасноста од банкрот на Градот секој ден станува се поголема.

Таа нагласи дека за една ипол година колку што ВМРО-ДПМНЕ го предводи Градот, нема реализирано ниту еден капитален проект.

Back to top button
Close