Арсовска за недостигот на гориво во ЈСП: Oбразложението на Бирото за јавни набавки за поништениот тендер е небулозно

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска како небулозно го оценува образложението на Бирото за јавни набавки за поништената набавка на гориво еуродизел за автобусите на ЈСП „Скопје“, поради што колабираше јавниот превоз во главниот град.

Арсовска, во интревју за Телма, кое во целост ќе биде емитувано во попладневните информативни изданија на телевизијата, вели дека не може да се зборува за подобра или полоша понуда за набавка на гориво, во ситуација кога цената е регулирана од страна Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

„Она што беше дадено како образложение во јавноста, односно како причина за (поништување н.з.) на самата набавка за нас е небулозно затоа што не можете вие да имате подобра или полоша понуда за набавка на гориво каде што цената е регулирана од страна на Регулаторната комисија на Република Македонија. Таа е иста цена за сите, не може да биде поголема или пониска, не може да се наддава на таа цена затоа што цената е веќе одредена од Регулаторната комисија за енергетика“,вели скопската градоначалничка.

„Критично“ за неа, како што додава Арсовска, било тоа што директорката на Бирото за јавни набавки ја донело одлуката за поништување на набавката сега и тоа што имала замерка што само една комапнија дала понуда.

„Има замерка на тоа дека една комапнија дала понуда, што е нормално, сите ги гледаат притисоците, ретко кој се охрабрува во претпријатие што е таков загубар да го снабдува со енергенс, и кога веќе се осмелил сметам дека е не само политички и неумесно, туку и штетно да се прават сега такви работи“, вели Арсовска.

Од Бирото за јавни набавки, денеска претпладне соопштија дека Јавното сообраќајно претпријатие „ЈСП“ – Скопје избрало неприфатлива понуда за најповолна при набавката на горивото еуродизел и ова, според Бирото, било увидено од управната контрола.

Оттаму велат дека понудата, која била и единствена поднесена во постапката, не исполнува услов што самото Јавно сообраќајно претпријатие го навело во тендерската документација. Истото, според Бирото, е наведено и во самиот извештај од спроведената постапка во Комисијата за јавна набавка во претпријатието.

„Управата контрола дала јасни инструкции што треба да преземе ЈСП во записникот од спроведената контрола. Со оглед на тоа што ЈСП направил избор на неприфатлива понуда, а други понуди немало во постапката, дадени се инструкции Комисијата за јавна набавка да ја стави вон сила донесената одлука за избор и да донесе одлука за поништување на постапката. Таквите инструкции се според член 177 став 3 од Законот“се вели во соопштението на Бирото за јавни набавки.

Од Бирото реагираа и на вчерашното соопштение од Град Скопје во кое, меѓу другото беше наведено дека „кадарот на шефот на ВМРО-ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки, Маре Богева, креира криза во ЈСП за гориво, со тоа што за првпат од постоењето на претпријатието ја поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП како смислено сценарио“.

„Бирото за јавни набавки постапува професионално, без оглед на дневните политички препукувања. Со ставовите од соопштението на Градот Скопје се прави обид фокусот од лошо спроведената постапка да се прекрие со клевети. Така, ставот ‘кадарот на шефот на ВМРО во Бирото’ во целост ги отфрламе како непримерни и непрофесионални“,се вели во соопштението на Бирото за јавни набавки.

Од државното Јавно обвинителство соопштија дека биле дадени насоки на Управата за финансиска полиција да ги испита постапките за јавни набавки на мазут за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП „Скопје“).

Инаку, Арсовска во интервјуто за Телма говори и за одбивањето на мнозинството во Советот на Град Скопје да ја гласа иницијативата за набавка на нови автобуси која досега се најде на дневен ред на 25 седници на Советот, но не доби поддршка.

Според градоначалничката на Скопје, Советот не ја носи одлуката затоа што со неа не може да се преговара во четири очи кој ќе даде понуда и какви автобуси ќе бидат набавени.

„Понудата којашто им беше дадена во изминатите две и пол години беше во рамките на Советот тие да договорат какви услови сакаат, во која банка сакаат да биде задолжувањето, дали домашна, дали странска, да ја одберат самата банка, да ги одберат условите и спецификациите на возилата коишто сакаат да се набават во рамки на Комисијата за буџетирање при Советот и јас понудив само да го ставам потписот на тоа коешто тие ќе одлучат дека е добро за Градот. Е сега можете да разберете зошто не сакаат да носат таква одлука затоа што во таква одлука не можете вие во четири очи да преговарате за тоа кој ќе даде понуда во Градот и какви автобуси ќе бидат донесени“вели Арсовска.

Скопјани утрово мораа да се снаоѓаат за да стасаат до своите работни места, поради вчерашните најави на синдикатите при ЈСП „Скопје“ дека јавниот градски превоз во главниот град ќе се одвива со драстично редуциран број на автобуси, поради недостиг на гориво.

 

Back to top button
Close