Арсовска: За Универзална сала ќе се изјасниме откако ќе добиеме официјално барање од Министерството за култура

Иако министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов по средбата со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска изјави дека има целосна согласност од неа Министерството за култура да ја преземе Универзална сала, од Градот Скопје попладнево преку соопштение информираа дека околу ова прашање Градот ќе изјасни откако ќе добие официјално барање од министерството.

Градоначалничката на Скопје, Арсовска денеска не се појави пред новинарите да даде изјава по средбата со министерот за локална самоуправа, Пенов и министерката за култура Бисера Костановска – Стојчевска.

„Денес на заедничка средба во градот Скопје помеѓу градоначалничката Данела Арсовска, министерот за локална самоуправа г-дин Ристо Пенов и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, донесовме заеднички заклучок дека изградбата на Универзалната Сала во Скопје е од исклучителен интерес за скопјани, но и за цела Македонија. Се договоривме дека во следните денови ќе изнајдеме заедничко прифатливо решение за да продолжи изградбата во интерес на граѓаните и за истото ќе ни се обрати министерството со писмено барање за што ќе се изјасниме откако ќе го добиеме официјалното барање. Универзалната сала е симбол на Скопје и споменик на културата, и за нејзино возобновување е потребно издржано и заедничко решение кое истовремено ќе биде и безбедно“,

стои во соопштението од Град Скопје.

По средбата, министерот за локална самоуправа, Пенов во изјава за медиумите рече дека има целосна согласност од градоначалничката Данела Арсовска за реконструкцијата на  Универзална сала целосно да ја преземе Министерството за култура.

Пред средбата министерката за култура изјави дека со министерот за локална самоуправа Ристо Пенов имаат задолжение од Влада да направат работен состанок со градоначалничката Данела Арсовска по однос на прашањето за состојбата со Универзална сала.

„Ние како влада предводена од СДСМ уште пред две години ја препознавме потребата од реконструкција, од зачувување на Универзална сала како навистина голем национален сопственик. Токму затоа доделивме средства преку Министерството за култура кои беа префрлени на Градот Скопје за реконструкција на Универзалната сала. Бидејќи таму работите се во застој денеска сакаме да разговараме со градоначалничката за да изнајдеме некое решение за универзална кое е од важност не само за Градот Скопје туку за цела држава да се врати на својата функционалност и да може што поскоро да биде реконструирана“, изјави Костадиновска-Стојчевска пред состанокот.

Back to top button
Close