Арсовска: Зградата дивоградба, за која Ганиу тврди дека е изградена во 2011 година, не постои во сателитската снимка од 2023 година
Градоначалничката Данела Арсовска, на Фејсбук, денеска, објави сателитски снимки, една од вчера, една од 2023 година, со кои, како што вели, се докажува лагата на градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу. Имено, зградата дивоградба, за која тој тврди дека била изградена во 2011 година, ја нема во сателитската снимка од 2023 година, додека таа постои во вчерашната.
-Лик како Вики Ганиу би требало да добие грант од Фондот за иновации, кога веќе не добива кривична пријава за над 150 противзаконски и опасни дивоградби кои ги кеширал. Ако ги погледнеме двете сателитски снимки ќе забележиме дека Ганиу успеал и да најде начин како да патува низ времето – наведува Арсовска, додавајќи дека јавното обвинителство не гледа никаков проблем зграда изградена сега, да биде заведена како објект кој е изграден пред 2011 година, иако очигледно е дека според официјалната снимката на Катастар, која е направена во 2023 година дека на таа локација нема зграда.
-Снимката е јавно достапна на Катастар и може секој да ја види и истото да го утврди па дури и Јавното обвинителство. Очекувам системот на Катастар да падне, а доказите кои се во Општина Чаир да бидат уништени, за што имавме информации и јавно ги истакнавме со докази, но никој не оди во Чаир овие докази да ги обезбеди со што се дозволува да се уништат – децидна е Данела.