Арсовски: Мицкоски редовно е во партија, за „слугите“ на Заев се е кажано
Партискиот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски денеска одржа прес конференција на која уште еднаш ја обвини власта дека Регулаторната комисија за енергетика ја поскапела струјата под влијание на извршната власт.
Како што вообичаено е редот, откако Арсовски ги соопшти ставовите на партијата поради кои и беа поканети медиумите, новинарите добија можност да постават прашања.
Првата серија прашања беше – каде е Мицкоски, зошто го нема на прес конференција откако се постигна договор за влада и што со барањата за негова оставка.
„Во однос на тоа прашање, за барањето на оставка од поранешни функционери кои што одлучиле да слугуваат на Зоран Заев, наместо да се борат против неговиот криминал не би имале што повеќе да додадеме и веќе неколку пати го имаме кажано нашиот став. Претседателот на партијата господинот Мицкоски е тука со секојдневните свои тековни обврски. – одговори Арсовски.
Партискиот портпарол не беше дециден и на друго актуелно политичко прашање, а тоа е гласањето за избор на нова влада. Запрашан, дали партијата ќе гласа или ќе ја бојкотира седницата на Собранието за избор на Влада, тој одговори.
-Тука би имал само да додадам дека се работи за ненародна, криминална влада со транзициски кадри која што секако не ја добива довербата на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи е една од најкриминалните влади со најкриминалните кадри, истрошени транзициони кадри кои што ги има Република Македонија. Но, за начинот на дента на гласање ќе бидете дополнително известени – изјави Арсовски.