Арсовски: На Коневски адвокатурата му оди толку лошо, што има желба да се враќа во политика

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, подбивно реагираше на повикот за промени во опозициската партија што утрово го упати поранешниот висок партиски функционер Ивица Коневски. Обвини и дека „печалбарите“ како Коневски веќе си поделиле и функции.

Добро е што Ивица Коневски излезе со став, инаку сликата на печалбар од ВМРО-ДПМНЕ не би била потполна, реагираше на својот фејсбук-профил партискиот портпарол Димче Арсовски коментирајќи го ставот на поранешниот градоначалник на Општината Аеродром, Ивица Коневски, кој утрово побара промени во актуелното раководство на опозициската партија.

„Очигледно адвокатурата му иде толку лошо, што сега има желба да менува професија и да се враќа во политика, каде што пак последните години од кариера му идеше уште полошо од адвокатурата сега. Работава испаѓа – Не умри магаре до зелена трева. И не треба никој да се труди да пишува имиња и презимиња околу печалбарите, сами ќе се јават сите – пишува Арсовски.

Партискиот портпарол вели дека оние кои бараат смена на лидерот на партијата сакаат само да го преземат раководството.

„Овие луѓе кои бараат смена на Претседателот Христијан Мицкоски се всушност неславниот багаж кој ВМРО-ДПМНЕ го влечеше како тег во пропаст, а потајно се молеа и работеа да победи СДСМ и на референдумот и на изборите. Сметам јас, а и целото членство, дека е време тој багаж да се истовари, затоа што ВМРО-ДПМНЕ е многу повеќе од тие ликови кои кога велат промени, мислат на тоа – тие да ја управуваат партијата која и тогаш и сега ја гледаат како ДООЕЛ за пари и бизнис. А, слушам веќе и функции си поделиле, па Ивица ќе бил секретар. Добра е таа ментална гимнастика на илузијата за која треба да знаат дека домашниот есап и тој на пазар никогаш не излегува. Знаете зошто? Затоа што ВМРО е на народот, на членовите кои се со нејзе и при сите подеми и при сите падови – напиша Арсовски.

Арсовски додаде дека оние што бараат оставка од Мицкоски, всушност, работеле во корист на Заев, а прстот го впери и во медиумите.

„А, сите оние кои ги полнат провладините медиуми со усти полни со омраза кон ВМРО, а во исто време повикуваат на единство во време кога ВМРО-ДПМНЕ се труди да состави Влада, всушност имаат за задача да му помогнат на Заев. Па, нели е чудно што Ивица Коневски, а и сите други зад кои се провлекуваат афери, скандали и сомнежи немаат проблем со законот и ниту една пријава? Нели е чудно што човекот што го викаат ‘комшијата’ во Аеродром го нема 3 години да каже збор против Зоран Заев и Златко Марин, а денес тера филозофски расправи за ВМРО-ДПМНЕ? Тежината на Ивица Коневски се виде на изборите во 2017, односно „тежи” минус 4.000 гласови. Среќа не работеше во кампања сега, па работите дојдоа на свое место и општина Аеродром со сите населби повторно е победничка и бастион. За на крај, сите овие луѓе кои се дел од багажот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски ќе го остави зад себе. Од тој момент потоа, тој му припаѓа на Заев. П.С. Заев, со среќа да си го носиш багажот – пишува Арсовски.

Back to top button
Close