АСЈО: При селекцијата на кандидати за седмата генерација испочитувани се законските одредби

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“  во денешното соопштение наведува дека при составување на ранг листата на слушатели за прием во почетна обука VII-ма генерација се испочитувани законските и подзаконските одредби во врска со соодветна и правична застапеност на зедниците кои не се мнозинство во РСМ.

Посочуваат дека селекцијата била транспарентна и сеопфатна и траела цела години за да се изберат најдобрите кандидати.

– Доколку Академијата не ги испочитуваше законските и подзаконските одредби во врска со соодветна и правична застапеност на зедниците кои не се мнозинство во РСМ, токму таквото непостапување ќе претставуваше вистински и единствен основ за поништување на огласот, бидејќи само во тој случај ќе се дерогираше една од темелните вредености на уставниот поредок на РСМ, се вели во соопштението објавено на веб страницата на Академијата во врска со неодамнешните реакции за ранг листата на слушатели на почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ која беше јавно објавена на ден 25 јуни годинава.

Од Академијата посочуваат дека во Уставот на РСМ, во членот  9 , како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија меѓу другите стои: „…..соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа….“.  Во согласност со Уставот на РСМ, е и членот  9 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, кој го уредува принципот на соодветна правична застапеност на општ начин, неговото доуредување е направено преку членот 42-а Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, како и членот 10а од Правилникот за полагање на приемен испит.

-Имено, во ставот 1 од членот 10а од Правилникот за приемен испит, стои дека „ При селекција на кандидатите за прием во почетна обука во Академијата, без да се нарушат критериумите предвидени со закон, се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Северна Македонија“, велат од Академијта.

Во однос на ова, како што посочуваат, имајќи предвид дека селекцијата на кандидатите се врши во текот на целата испитна постапка, а од причина што секоја фаза од испитот е елиминаторна, одлуката за утврдување на посебна квота за припадниците на заедниците кои не се мнозинство во РСМ, Управниот одбор може да ја донесе во било кое време во текот на постапката за полагање на приемен испит, а согласно  Уставот на РСМ, Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, Статутот на Академијата и Правилникот за полагање на приемен испит.

Управниот одбор на Академијата, одлуката за утврдување на посебна квота за припадниците на заедниците, ја донел на седницата одржана на 22.01.2020 година, по конечноста на резултатите од управната постапка, а врз основа на листата на положени кандидати на испитот, како и согласно официјалните податоци добиени од Државниот завод за статистика за процентуалната застапеност на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија согласно последниот попис на населението.

-Јавниот оглас за прием на 60 слушатели во почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ беше објавен на ден 15.05.2019 година, а подготвителната настава за кандидатите се спроведуваше во деновите 22 и 23 јуни 2019 година, каде што на кандидатите им беа презентирани сите тековни измени на законските и подзаконските акти, со напомена да се следат сите информации по односо на приемниот испит, објавени на веб страната на Академијата, со што навремено беа запознаени со одредбите од истите и со правното дејство кое истите го произведуваат. Со ова, на кандидатите јасно им беше укажана примената на членот 10а од Правилникот за полагање на приемен испит…, се наведува меѓу другото во соопштението.

Во врска со ова, од Академијата велат дека Комисијата за приемен испит одржа седница за административната селекција на кандидатите (прегледување на документите)  на 07.06.2020 година, а измените на Правилникот за полагање на приемен испит, како и Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители, се донесени на 03.06.2019 година.

-Комисијата за приемен испит при утврдување на ранг листата на слушатели за 6-тата генерација, беше принудена да прекине со работа и писмено се обрати до Управниот одбор на Академијата, така што побара донесување на одлука со која ќе се обезебеди одреден број на места за слушатели кои се припадници на заедниците кои се малцинство во РМ, а заради доследна примена на горенаведниот член од Законот. Врз основа тоа, Управниот одбор донесе дополнителна одлука со која го прифати барањето на Комисијата, со што се испочитува принципот на соодветна и правична застапеност на граѓаните од сите заедници во РМ и ја задолжи Академијата да изврши интервенција во подзаконските акти за доуредување на начинот на правична застапеност. Токму одлуката за прием на само 30 кандидати во 6-та генерација слушатели на почетна обука во Аакдемијата, ќе беше противзаконска и противуставна, се наведува во соопштението.

Од овие причини, а како не би се повторило истото несакано сценарио, како што истакнуваат од Академијата, биле донесени измените во Статутот и Правилникот, со што точно се утврдија механизмите за постапување во обезбедувањето на правична застапеност на сите заедници, при селекција на слушателите во почетна обука, како за оние кои претставуваат најмалку 20 отсто од населението во РСМ, така и за оние од другите заедници.

-Доколку Академијата не ги испочитуваше законските и подзаконските одредби во врска со соодветна и правична застапеност на зедниците кои не се мнозинство во РСМ, токму таквото непостапување ќе претставуваше вистински и единствен основ за поништување на огласот, бидејќи само во тој случај ќе се дерогираше една од темелните вредености на уставниот поредок на РСМ, стои во соопштението од Академијата.

Одбиените 14 кандидати на последниот конкурс на Академијата за судии и обвинители за упис на слушатели во денешното писмо до медиумите реагираат затоа што иако се наоѓаат на добитните места од 40-то до 60-то место, не се примени во седмата генерација на Академијата.

Сметаат дека Академијата со Правилник ги изменила условите за избор незаконски односно прво е распишан конкурсот, а потоа е донесен Правилникот.

-Оваа борба нема политичка конотација и ние 14 кандидати воопшто не се знаеме од претходно, но неправдата која ни е нанесена не сплоти толку силно што ќе се бориме за правда со сите сили до конечна исправка на штетата која ни е нанесена од страна на Академијата, се наведува во писмото.

Со писма, како што велат одбиените кандидати, ќе бидат известени и француската Амбасада која многу инвестираше во оваа Академија, како и до британската и американска Амбасада во РСМ, Канцеларијата на мисијата на ЕУ и до Претседателот на државата.

Back to top button
Close