Јас сум марсовец
Ќе си се пишам Марсовец во личната карта. Не знам, некако така ми дојде. Го следев слетувањето на сондата на НАСА, малку се возбудив и одеднаш Марс ми се приврза на душата. Како да ми е дома. Како да потекнувам од таму.
Што? Нема да смеам да се пишам така оти Марсовците не се наведени во Преамбулата на Уставот? Па таму пишува едни, други, трети, четврти…. и реченицата завршува со „и други“. Еве, јас сум од тие другите. Еве, имам пријатели што се среќни оти се меѓу првите вакцинирани против ковид-19 и тие сакаат во личната карта да им пишува етничка припадност Фајзер. Иако и тоа може да предизвика раздор во семејствата оти брачниот другар сака да се пише Бионтек. А Спутник смее ли да се пише? Или, тие етнички заедници не влегуваат во категоријата „други“, туку во „ептен други“.
Какво време дојде, се будиш еден ден и треба да решиш што да се пишеш за наредните 10 години додека ти трае личната карта. Децата чии родители се од различна националност, уште од 14 години ќе треба да изберат дали повеќе ја сакаат мајката или таткото.
Ај баш да видам кој ќе се осмели да ми забрани да се пишам Марсовец? Не есапам ни Комисија за спречување дискриминација. Нит пак на Уставен суд губам време да барам правда. Штом законот во Собрание се води по брза постапка оти има европско знаменце, и јас ќе се однесуам европски. Одам директно на суд во Стразбур.
Собранието, политичката елита и јавноста бараат логика во нешто што е сосема нелогично среде пандемија. Гледате каков бесмислен муабет водиме? Прекрасно. Забавата допрва следи на Собранискиот канал на јавниот сервис.
Сондата тргна во јули 2020 и по седум месеци, вчера слета на Марс. А што сработија нашиве политичари за тие седум месеци? Етничка припадност во лична карта. А да. Ќе заборавев уште еден успех – и тројазични табли на патиштата. Двојно остварување.
2. Премиерот Зоран Заев вели дека тоа било ветување што го дал на партијата Беса за да направат предизборна коалиција, ама не сфаќам и зашто во Беса би биле среќни со вакво бележење. Како животот на гласачите на Беса ќе стане поубав со тоа што во личната карта ќе им пишува дека се Албанци? Толку ли се задоволни од сѐ друго во државата, па од политичарите бараат само уште ова да им го овозможат? Толку ли Беса немаше ништо друго да понуди за подобар живот на граѓаните, па само ова им остана? Ќе се пишуваме по националност во личните карти, оти работата за инспектирање на таблите ни ја зема ДУИ.
Заев уште вели и дека на овој начин „водиме сметка за правата на етничките заедници и за помалите етнички заедници“.
Со што е тука унапредено правото на различните етнички заедници? Кој забранил некому да си каже што е во оваа држава? Излези на плоштад и викај „Јас сум Марсовец“. Тетовирај се и на чело ако баш толку сакаш да си обележан. Стави си лента на ракавот, беџ на реверот, нека ти пишува што си. Ама личната карта? Со што ти го дига националното чувство нешто што ти стои во џеб или во чанта и ти го гледат само шалтерски службеници или полицајци за да ти ја споредат сликата? Што? Кога ќе одиш во банка и кога ќе видат што националност си ќе ти дадат повеќе пари? Кредитот ќе ти го репрограмираат? На повеќе рати ќе отплаќаш? Или ќе ти се плашат и ќе ти попуштаат? Аууу, дојде овој, знаете што му пишува на личната карта?
Треба ли шалтерскиот службеник во банка да го интересира што си по националност? Треба ли полицаецот што ќе ти побара лична карта да го интересира што си по етничка припадност? Треба ли службеникот во јавна администрација да знае што си за да си ја завршиш работата за која си отишол кај него? Или, ќе треба секој да си си оди кај „својот“ службеник.
Ова нема никаква врска со идејата за „едно општество за сите“ што го промовира Заев. Од што сака на сите да им угоди, ќе направи апартхејд. Да си бидеме сите бележани, да се знае кој е кој. Денес по етничка припадност, утре по нешто друго.
Извинете, ама јас навистина не можам да најдам ни емотивна, а ни практична потреба од бележењето по етничка припадност.
3. Претседателот Стево Пендаровски во интервју за МКД.МК рече дека „не постои демократска држава во светот во која во личната карта на граѓаните е впишана етничка или религиозна припадност. Но, не мислам дека ако законот биде донесен со таква одредба, дека ќе има негативни последици“.
Ако претседателот вели дека никаде во светот нема ваква будалаштина како што побарала Беса, а Заев дал беса дека ќе ја исполни, тој може да не го потпише законот.
…
Kолумната на Горан Михајловски во целост прочитајте ја тука